недела, јули 5, 2026
Дома МАГАЗИН Нека е распеано: на Спасовден, „Фолк-фест Владимирово 2026“ – во Малешевијата и...

Нека е распеано: на Спасовден, „Фолк-фест Владимирово 2026“ – во Малешевијата и цело Берово оро ќе заигра  

81

Народната македонска фолк-песна ќе се разлие деновиве, а официјално стартува од 21 мај (четврток), на верскиот празник Спасовден, во пролетно расцутениот беровски крај, поточно, во самото Владимирово. Тој ден е воедно и слава на селото Владимирово (општина Берово). Владимирово е второ по големина село во Малешевијата и има еден од најголемите атари во Македонија. Зафаќа простор од дури 98,6 квадратни километри. Владимирското подрачје се протега на западниот брег на реката Брегалница со прилично голем дел од Малешевската Котлина. Второто издание на народниот фестивал ќе нè израдува премиерно со новите распеани ноти и рефрени од македонските фолк-песни, потенцијални хитови. Ќе се одржи на сцената на Културниот-центар во Фестивалската сала „Ванчо Чавдарски“, и тоа со учество на ѕвездите од македонската естрада, меѓу кои и Драган Мијалковски, Нино Величковски, Ленче Кукиќ, Благоја Грујовски, Круме Спасовски, Перо Христов, Горан Кукиќ, ветеранката Виданка Георгиевска, Ванчо Тарабунов и Жаклина Узунова. На годинашново издание, ним првпат ќе им се приклучат и Смиља Митревска, Благица Калева и Елена Андоновска со новите песни „Судбина“, „Седум години минаа“ и „Цело Берово оро заигра“. Водителка на фестивалот ќе биде Ели Танасковска, а ќе има телевизиски пренос на Првата програма на Македонската телевизија.Како што вели основачот и организатор на фестивалот (со светскиот начин на организација, поради што сите може да му завидуваат), маестро (хармоникаш и композитор) Горан Алачки, за весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press, кои се едни од медиумските покровители, новите песни нема меѓусебно да се натпреваруваат, туку сите се победници и сите ја имаат истата шанса догодина да бидат прогласени за една од најслушаните помеѓу двата фестивала. По тој принцип, од минатогодишното прво издание на „Фолк-фест Владимирово“ за најслушана песна е прогласена песната „Ракија се пече“. Маестрално, во живо, на фестивалската сцена, и овој пат ќе ни ја испее распеаната струмичанка Ленче Кукиќ, која публиката и новинарите, нагалено ѝ се обраќаат со прекарот Дедејче.

(Дуле М.)

ИЗДВОЕНИ