– „Ловецот во ‘ржта“ е своевидна побуна против општествените, економските и пред сè, интелектуалните конвенции кои ни се наметнати од средината. Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува, вели Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, драматургот на претставата, која ќе биде одиграна премиерно на 16 јули во 20 часот во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

 

„Ловецот во ‘ржта“ е новата театарска претстава на Прилепскиот театар во режија на Мартин Кочовски, која публиката ќе има можност премиерно да ја проследи на 16 јули во 20 часот. Како што посочува самиот режисер, таа обработува една тема која многу често се поставува на театарските сцени, но во случајот посочува, театарот „Војдан Чернодрински“ е вистинско место каде што таа треба да биде одиграна.

– Основната тема е конфликтот на индивидуата во системот и затоа Прилепскиот театар е исклучително добро место да се направи претставата, бидејќи тој е една клетка во општеството што упорно им пркоси на сите околности во кои се наоѓа. Јасно им е на сите со какви буџети се работи, а работиме и во примитивни услови, но луѓето во овој театар не се мират со ситуацијата во која се ставени. Управата на театарот и актерите дадоа сè од себе да се направи една успешна претстава. Сè останато е лична перцепција, посочи режисерот Кочовски на денешната прес-конференција, додавајќи дека е особено задоволен од посветеноста на, како што кажа, уникатниот актерски тим на театарот и за реализацијата на еден ваков грандиозен проект.

Драматизацијата на претставата, во која играат Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Марија Спиркоска-Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Таа истакна дека „Ловецот во ’ ржта“ е своевидна побуна против општествените, економските и, пред сè, интелектуалните конвенции кои ни се наметнати во средината.

– Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува – како во својата фамилија, така и во училиштата од кои го исфрлаат, во њујоршките локали и секаде каде што се движи. Исклучок од таа бесмисленост е единствено неговата помала сестра, Фиби, која сака да ја заштити од средината во која и тој самиот израснал… Некаде меѓу детството и зрелоста, човек губи нешто што веќе никогаш не успева да го има. Не станува збор за невиност, ниту за носталгично гледање кон минатото. Се работи за една форма на непосредност во односот кон светот – способноста да се гледа без однапред прифатени категории, безгрижно и љубопитно, да се именува лицемерството без страв, според сопственото чувство за вистина, правичност и сочувство.

Штом созревањето подразбира такви одрекувања и компромиси, моето лично прашање е што останува од нас кога ќе ги исполниме сите општествени очекувања?, посочи Митоска-Ѓорѓиевска.

Таа додаде дека токму длабоката сила на „Ловецот во ‘ржта“ се состои во можноста да се разбере позицијата на човекот распнат меѓу својата комплексна природа составена од противречности и општеството кое секогаш настојува да ја редуцира и некако да ја вкалапи таа

комплексност.

Сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата и осветлувањето на Јулијана Војкова, а за музиката се погрижија Пеце Брада Трајковски, Давид Скерлевски, Ана Митоска, Илија Волчески и Димитар Ѓорѓиевски.

Директорката на ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп, Марија Попова-Јованоска, посочи дека со оваа премиера се продолжува реализацијата на годишната програмата поддржана од Министерството за култура и туризам.

– Од вкупно петте драмски проекции одобрени за оваа година, ова е трета што ја поставуваме на сцената, со што го потврдуваме нашиот континуитет во создавањето на нови и квалитетни театарски продукции. И покрај предизвиците со кои се соочуваме, остануваме доследни на нашата мисија да создаваме квалитетен театар и на нашата публика да понудиме репертоар кој инспирира, поттикнува на размислување и отвора важни општествени прашања, посочи Попова-Јованоска.

Раководителот на театарот, Михајло Миленкоски, пак, додаде дека Народниот театар „Војдан Чернодрински“, годинава, има големи имиња што ќе режираат на  оваа сцена.

– Мартин е еден од режисерите со кои Прилепскиот театар ги жнееше најголемите успеси и затоа се надевам дека и со оваа претстава ќе ја продолжиме историјата на успесите, истакна Миленкоски.

Актерите, исто така, посочија дека со радост соработуваа на овој театарски проект со Мартин Кочовски, а самата работа за нив претставувала голем предизвик во кој ги откриваа границите на нивниот потенцијал. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ