Вечер исполнета со врвна класична музика во извонредниот амбиент на црквата „Света Софија“ приреди руско-германскиот пијанист Александер Мелников, кој настапи вчеравечер, во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Мелников важи за еден од најистакнатите пијанисти на својата генерација, препознатлив по својата виртуозност, длабоката музикалност и по интерпретациите на дела од различни епохи.

На репертоарот беше познатата Фантазија во Це-дур „Вандерер“, компонирана во 1822 година за соло пијано од Франц Шуберт. Ова е технички најтешката и најбарана композиција за пијано на Шуберт, која Мелникот ја долови совршено. Пред да биде награден од фестивалската публика со бисови, пијанистот го отсвири и ремек-делото на музичкиот импресионизам – „Дванаесет прелудиуми“ од прочуениот француски композитор, Клод Дебиси.

– Ги свирев делата што најмногу ми се допаѓаат. Драго ми е што сум првпат во овој прекрасен град. Амбиентот во кој настапив е мошне инспиративен – рече Мелников.

Како солист, Александер Мелников има остварено настапи со светски познати оркестри и ансамбли. Особено е активен на полето на камерната музика, настапувајќи во пијано дуо со Андреас Штајер и редовно концертирајќи со виолончелистот Жан-Гијен Кејраси, а ,исто така, е и долгогодишен дуо-партнер на реномираната виолинистка Изабел Фауст, со која е добитник на наградата „Грамафон“ и со која е  номиниран за наградата „Греми“.

Вечерва (15 јули) со почеток во 20:00 часот, на сцената Долни сарај во Охрид ќе настапи Симфониски оркестар „Нингбо“ од Кина. Симфонискиот оркестар Нингбо е формиран во 2015 година од страна на Општинското биро за култура, радио, телевизија и туризам, а за негов уметнички директор е поставен познатиот диригент проф. Ју Фенг. Покрај делата од светската класична музичка ризница, овој оркестар изведува и оригинални композиции напишани за нив.

Од 21:30 часот, пак, во предворјето на црквата „Св. Софија“ ќе биде премиерно изведена театарската претстава „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел на Народниот театар -Битола. „Кориолан“ е политичка трагедија со силни психолошки нијанси. Битолската продукција го истражува односот меѓу водачот и масата, непостојаноста на фракциите и променливите перспективи кон воените херои. Улогите ги толкуваат: Васко Мавровски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Марјан Георгиевски, Санда Грибовска, Јулијана Мирчевска, Петар Спировски. Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, светло – Џонатан Хикс, а музиката е на Александар Димовски. Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 – годишна возраст.

ИЗДВОЕНИ