И ПОСЛЕДНИОТ ДЕН ОД РОКОТ НЕ ДОНЕСЕ ДОГОВОР
Рокот истече, промените во Изборниот законик останаа недоговорени. Неизвесноста дали ќе се постигне некаков компромис од вчера ја заменува извесноста дека македонските граѓани ќе останат без 4,2 милиони евра европски пари, како стимул за исполнување на условите од реформската агенда. Ваков е епилогот на надежите, кои до вчера се одржуваа во живот, дека ќе се постигне договор меѓу власта и опозицијата околу новите законски решенија за спроведување на идните избори. Но, по истапите на спротивставените партиски табори, стана јасно дека нема шанси за некаков договор, со што одново се зголеми бројот на ситуации во кои македонските партиски водачи не можеа да постигнат согласност во име на државните интереси. Партиските првенци не го прифатија и останаа глуви и на повикот на евроамбасадорот Михалис Рокас да постигнат договор, бидејќи реформите се клучни за евроинтегративниот пат на земјава.
Пратеникот од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, уште денеска претпладне, на прес-конференција, објави дека нема договор. Тој објасни дека на вчера започнатата собраниска седница има 24 точки и дека ниту една од нив не се однесува на Изборниот законик.
– Со ова, станува јасно дека обврската што ја имаше Македонија, да го усвои Изборниот законик, нема да биде исполнета. Четири месеци преговарање во рамките на Министерството за правда, средби во Собранието, отворена понуда од владиното мнозинство кон опозицијата и повторно опозицијата не смогна сили да седне, да го договори Изборниот законик, онака како што ним им одговара и да го поднесеме во Собранието за да може денес да го усвоиме. Оваа коалиција не ја оштети само дијаспората, ги оштети и граѓаните што живеат во нашата држава, но покажа и дека изјавите на Кос и Рокас, кои се европски претставници, не значат ништо пред нивниот политички интерес – рече Стојаноски.
Тој истакна дека усвојувањето на овој закон не било само за да ги детерминира и реорганизира изборните процеси во Македонија. Со усвојувањето на овој закон, рече тој, граѓаните на државата ќе добиеле 4,2 милиони евра, средства што требало да се искористат за подобрување на животните услови во оваа држава.
– Покрај тоа што нема да имаме подобрување на изборниот модел, граѓаните ќе останат без 4,2 милиони евра. Кога ќе поднесуваат амандмани за подобрување на некои животни услови, треба да знаат кои се одговорни зошто нема да легнат 4,2 милиони евра во државниот буџет и да бидат искористени за проекти и за подобрување на животните услови на граѓаните – рече Стојаноски, додавајќи дека во наредниот период, сепак, ќе разговараат за ова прашање, но потенцирајќи дека опозициските партии не сакаат да се договорат.
Услов или не за евроинтеграции?
Претходно, во текот на работната посета на скопската општина Сарај, и премиерот Христијан Мицкоски изрази песимизам дека ќе биде постигнат компромис. Вината за тоа и тој ја лоцираше во однесувањето на опозицијата.
– Не сум оптимист околу носењето на Изборниот законик, затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата. Ние, како владина коалиција, го усогласивме нашиот став и им кажавме на маса: „Еве, договорете се, напишете го, донесете го, сè додека е вклучено гласањето на дијаспората во истото, ние бланко ќе го поддржиме. Поминаа денови, тие се натегаа кој кого ќе викне, каде ќе се одржи состанокот… Ги повикувам на зрелост, на одговорност и претседателите на ДУИ, на СДСМ, на Левица, крилата на Села и на Таравари, како опозициски партии, да седнат заедно, да се договорат и да донесат закон во кој ќе биде вклучено гласањето на дијаспората. Тогаш кога ќе кажат тие дека е завршено, ние ќе го прифатиме без воопшто да полемизираме на таа тема. Не знам што друго поконкретно ние, како Влада, може да направиме – потенцира Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од СДСМ за тоа дека се лаже за изборниот законик дека е европски услов, иако е јасно дека е дел од Планот за раст, тој рече дека е доволно да се види што порачала еврокомесарката Марта Кос неодамна.
– Често пати велам и не знам дали понекогаш СДСМ и треба да го коментираме, но ова прашање заслужува коментар, бидејќи е значајно за граѓаните и за државата. Впрочем, сите можеа да ја слушнат комесарката Марта Кос како го кажа тоа. Еве, мене не мора да ме слушаат, неважен сум јас во случајот, еве нека ја слушаат комесарката Кос, таа кажа дека тоа е дел од реформите што се битни за евроинтеграција. Знаете, чудни се некои политичари во опозицијата. Кога станува збор за нивниот интерес, т.е. да бидам попрецизен, нивниот џеб, тогаш полна им е устата со Европа, Европа и само Европа. Кога треба да зборуваме за одговорност и за носење потези, а кога се во опозиција, тогаш прават сѐ само да не стигнеме ние таму каде што треба да стигнеме. Но, и со нив и без нив, ние продолжуваме да ги реализираме стратешките цели, а тоа е полноправно членство на земјата во рамките на Европската Унија – нагласи македонскиот премиер.
На ваквите ставови од редовите на владејачката партија, од најголемата опозициска партија, СДСМ, одговорија дека Изборниот законик не е услов за ЕУ.
– Европската Унија не бара промена на Изборниот законик по мера на една партија. ЕУ бара кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и борба против корупцијата. Токму тоа е она што ВМРО-ОКГ со години го блокира.
Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија што ги турка власта во моментов не се обврска кон Европската Унија, ниту претставуваат услов за напредок во преговарачкиот процес. Ова се нивни сопствени предлози, а не европски. Тоа се решенија што отвораат простор за манипулации и за контрола на изборниот процес, особено во делот на гласањето на дијаспората. Фер избори се предуслов за ЕУ, а не закон напишан за да се обезбеди предност за власта – соопштија денеска од оваа партија.
Меѓусебни обвинувања
Од друга страна, опозициската Левица соопшти дека одбивањето на СДСМ да се вклучи во опозициското обединување околу една изборна единица е свесна саботажа. Оттаму ги обвинија социјалдемократите за таен договор со ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, Изборниот законик да остане недопрен.
– Ова е оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок, со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и ѝ оди на штета на Левица. Секој од нив, преку многумандатни изборни единици нацртани со хируршка прецизност, тежнее да ја заштити сопствената положба и обезбедува пратенички места несразмерни со реалната тежина што ја имаат кај граѓаните. Секој обид Изборниот законик реално да се допре во суштината, наидува на идентична одбрана: различна по реторика, идентична по исход. ДПМНЕ игра една улога, СДСМ друга, но резултатот е секогаш ист. Опозициското обединување за една изборна единица би можело, конечно, да го скрши тој циклус, но СДСМ одлучи идејата да згасне уште во зародок – реагираа од Левица.
Истовремено со ова, лидерката на опозициската ЛДП, Моника Зајкова, повика да не се загубат четири милиони евра европски пари.
– Изборот е едноставен: дали ќе ги гласаме само техничките забелешки на ОБСЕ и на ОДИХР или ќе дозволиме граѓаните да изгубат 4 милиони евра. Никој здраворазумен политичар не би дозволил граѓаните да изгубат 4 милиони евра. Тука не станува збор за никакви црвени линии, исклучиво станува збор за договорени технички работи, врз кои Македонија треба да добие пари од Европската Унија. Понатаму, до 2028 година, има време за дебата меѓу политичките партии, да ги усогласат другите црвени линии во однос на измените на Изборниот законик – потенцираше Зајкова, која додаде дека електронското гласање мора да важи за сите, а не само за дијаспората. (Б.Ѓ.)
Предвремени избори како одговор на предизвикувањето
Премиерот Мицкоски вчера рече дека би можело да се одржат предвремените избори, како одговор на предизвикот на кој би биле изложени како владина коалиција.
– Опозицијата е оптоварена бидејќи често пати кај неа работи Фројд, и тоа е нејзин најголем проблем. Мојот став е јасен: оваа Влада има мандат до пролетта 2028 година. Ние сме фокусирани во тој мандат да го испорачаме она што го очекуваат граѓаните од нас. Но, се разбира, доколку сме предизвикани, ние сме тука, подготвени сме да одговориме на тој предизвик – посочи Мицкоски.
Од СДСМ, пак, и вчера соопштија дека „Мицкоски е дотеран до ѕид и дека нема друг излез, освен предвремени избори“.












