Незаборавно музичко доживување исполнето со виртуозност и длабока емоција приреди италијанското трио „Кимера“, кое настапи вчеравечер, на 66.издание на фестивалот „Охридско лето“. Публиката во црквата „Света Софија“ ги почувствува индивидуалните музички квалитети на пијанистката Марта Черета, на виолинистот Стефано Ракањи, како и на виолинистот Џорџо Лукини, но не помалку се чувствуваше и префинетоста во заедничкото музицирање на тројцата млади уметници, за што беа наградени со бурни овации.

Виолинистот Стефано Ракањи рече дека за фестивалот конципирале посебна програма и оти акустиката во храмот била топла, особено за пијаното.

-Репертоарот е посебно создаден за фестивалот „Охридско лето“. Ги имавме „Петте куси пиеси“ од Триото број 1 на чешкиот композитор на модерна класична музика, Бохуслав Мартину. Пред тоа отсвиривме потрадиционална класична музика од Бетовен. Тој, како млад композитор, сакал да ги покаже своите способности пред публиката во Виена и затоа го создал ова трио во Це-мол опус 1 број 3, кое е најромантично дело и истовремено бурно по карактер. Вечерта ја завршивме со славното дело на Дмитри Шостакович, Трио бр. 2 напишано во текот на Втората светска војна и посветено на неговиот драг пријател, инаку руски музиколог и полиглот, Иван Солертински – појасни Ракањи.

ИЗДВОЕНИ