„Никој не нѐ известил дека треба да плаќаме, ниту дека секој месец треба да поднесуваме извештаи“. Ова е една од најчестите реакции на сопствениците на приватни апартмани, откако деновиве добија фактури од околу 16.500 денари од Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП). На социјалните мрежи се редат десетици коментари од издавачи кои тврдат дека првпат се соочуваат со ваква обврска. Дел од нив велат дека во апартманите немаат радио, не пуштаат музика, а телевизорот им е ставен на располагање на гостите. Други прашуваат дали воопшто се должни да плаќаат ако не се емитува музика или ако се користи музика без авторски права.
Од ЗАМП, пак, велат дека не станува збор за нова давачка, туку за законска обврска која произлегува од Законот за авторското право и сродните права и Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела, кој е во сила од 2017 година. Според објавеното соопштение на ЗАМП, авторски надоместок плаќаат и субјектите што вршат дејност на сместување. Во Тарифниот број 5 од Правилникот е предвидено дека за користење музички дела во пансиони, хотелски соби, апартмани и други сместувачки капацитети преку радио, телевизија, интерна телевизија или кабелска мрежа се плаќа месечен надоместок од пет бода по реализирано ноќевање.
Сопствениците, според истиот правилник, имаат обврска до 15. во месецот да достават извештај за бројот на реализирани ноќевања за претходниот месец. Доколку не го направат тоа, надоместокот не се пресметува според остварените ноќевања, туку паушално, според капацитетот на објектот.
За сместувачки капацитет до 25 гости паушалот изнесува 500 бода месечно, што за сезонскиот период од 1 април до 30 септември резултира со фактури од околу 16.500 денари.
Но, токму тука почнуваат дилемите.
Најголем дел од сопствениците не ја оспоруваат обврската авторите да добијат надоместок кога нивните дела се користат. Прашањата се однесуваат на начинот на кој се применува системот. Дали секој регистриран апартман автоматски се смета за корисник на авторски музички дела? Дали пред да се испрати фактура се утврдува дека во конкретниот објект навистина се користи музика преку радио, телевизија или кабелска мрежа? Дали обврската постои и кога нема радио, не се пушта музика или се користат содржини без авторски права?
Ова се само дел од прашањата што деновиве ги поставуваат сопствениците на социјалните мрежи, барајќи стручно толкување на Законот.
Дополнителна дилема е обврската за месечно доставување извештаи. Голем број издавачи тврдат дека никогаш претходно не биле известени од ЗАМП дека имаат таква должност и дека не добиле никакви насоки каде и како се поднесуваат извештаите. Поради тоа сметаат дека не е оправдано веднаш да им биде пресметан паушален надоместок.
Во самиот правилник е наведено дека извештаите треба да бидат идентични со оние што сопствениците веќе ги доставуваат до Министерството за внатрешни работи и до локалната самоуправа. Токму затоа, дел од нив прашуваат зошто повторно ги доставуваат истите податоци, ако тие веќе постојат во државните институции. И уште една дилема – дали фактурата претставува законски надоместок за користење авторски дела или, во практиката, изгледа како санкција за недоставен извештај.
Во своето соопштение, од ЗАМП остануваат на ставот дека фактурите се издадени согласно со Законот за авторското право и сродните права и Правилникот со тарифа и дека организацијата само го спроведува системот за колективна заштита на авторските музички права. Сепак, реакциите покажуваат дека најголемиот проблем не е само висината на надоместокот туку недоволната информираност на сопствениците за нивните обврски и недостигот од јасни објаснувања за тоа кога, под кои услови и на кој начин настанува обврската за плаќање. (П. А.)












