– За македонските преведувачи, нема поголема и подрага чест од оваа: нивното дело да биде вреднувано со наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Честа, за мене, е двојна: потврда на успешноста на мојот препев на Нобеловецот Радјард Киплинг и длабок поклон пред ненадминливиот бард на препевот, Драги Михајловски – рече добитничката Ана Пејчинова
Ана Пејчинова за преводот од англиски јазик на книгата „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, во издание на издавачката куќа „Полица“, ја доби наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик.
– Преводот успешно се справува со најчестите преводни проблеми што ги поставува Киплинговата поезија пред преведувачот на македонски јазик: прозодијата, регистрите, реториката, реалиите и идеолошката сложеност. Поконкретно, песните се пренесени со зачувани ритам и рима и во долгите балади. Силниот, речиси марширачки ритам на изворникот е пренесен со акцентски стих со трохејско-дактилски пулс. Онаму каде што неизбежно се шири македонскиот стих, движењето на изворникот го носат императивите на почетокот на стихот. Најсилен белег на преводот е промената на регистарот од песна до песна. Ориенталниот говор на т.н. авганистански балади е пренесен со османлискиот лексички слој од македонскиот јазик. Кокни-говорот е доловен со македонскиот разговорен стил, а Киплинговата иронија е зачувана и на места и изострена – се вели во образложението на Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Иван Џепароски, проф. д-р Владимир Цветкоски и д-р Јана Михајловска, која едногласно ја донесе одлуката да ѝ се додели наградата на Пејчинова.
Додаваат и дека сѐ на сѐ, преводот постигнува ретка рамнотежа меѓу верноста кон смислата и верноста кон формата и покажува дека македонскиот јазик може да се справи со Киплинговиот стих со сите негови звуци и гласови.
– Со тоа, тој ја збогатува македонската преводна книжевност и нуди решенија што може да бидат образец за идната преведувачка практика – истакнуваат од комисијата во своето образложение.
Врачувањето на наградата се одржа деновиве, на свечена церемонија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
– За македонските преведувачи, нема поголема и подрага чест од оваа: нивното дело да биде вреднувано со наградата „Драги„ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Честа, за мене, е двојна: потврда за успешноста на мојот препев на Нобеловецот Радјард Киплинг и длабок поклон пред ненадминливиот бард на препевот, Драги Михајловски – рече добитничката Ана Пејчинова.
Додаде дека препевот, особено оној со љубов кон делото на еден велик автор, подразбира прекрасен, посветен процес и е награда сама по себе.
– Како и поезијата, тој е резба на дух во јазик, но во него дополнително градиме и мост за да патува македонскиот читател во туѓи култури, времиња, поднебја и народи – далечни, а со блиско срце и дух. Оваа награда осветлува вакви мостови под знамето на Драги и со тоа ја продолжува неговата бесценета книжевна оставина – истакна Пејчинова.
Наградата се состои од статуетка „Драги“ и од паричен дел што изнесува 40.000 денари.

Годинава во најтесниот круг за наградата се најдоа и преведувачите: Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, издание на „Струшки вечери на поезијата“, и Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“.
На свеченоста беше доделена и интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска за најзначаен превод на книжевно дело напишано во оригинал на македонски јазик. Павловски ја доби наградата за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, во издание на престижната загрепска издавачка куќа „ТИМ прес“.
– Романот „Бајазит и Оливер“ од Драги Михајловски го преведов за своја душа. Токму така. Без нарачка и без рокови. Од ден на ден со Драги, со Оливера и со Бајазит, со приказната, со едно минато време, историско и, сепак, безвремено според судбините и емоциите, убедувањата, страдањата, верувањата. И со сензационалниот женски лик – Оливера, не само во македонската книжевност. Доjдов до заклучокот дека морам да го дешифрирам ритамот на тие опширни реченици и да понудам задоволително решение. Тоа беше, пред сè, мојата потрага по неговиот ритам – рече Павловски, кој пристигна од Хрватска во Скопје за оваа пригода.
Истакна и дека прочитал, „најверојатно во некоја од книгите на својот омилен Габриел Гарсија Маркес, дека ритамот е една од суштинските одредници на секој текст“.
– За да отстранам некои од моите сомнежи околу начинот на пишување на Драги, го повикав Венко Андоновски, кого друг ако не пријателот, а покрај тоа и мајстор на пишувањето, за да ми потврди или одрече дали сум или не сум во право во однос на начинот на пишување во „Бајазит и Оливера“. Ми потврди дека сум на вистинската трага и дека ако го решам тоа на соодветен начин, можам да се надевам на добро завршена работа. Од утро до вечер, од вечер до полноќ, не баш секој ден, стигнав до крајот на преведувањето и на толкувањето на романот, кој потоа го прочитав уште пет-шест пати (Ранко Маринковиќ би рекол, мислам, на едно место „шест-пет“!) и по сите тие читања се загледав во две фотографии на некогашната прирачна библиотека на мојата македонска баба, Ана – рече Павловски.
Годинашното издание на преведувачките награди „Драги“ беше реализирано од издавачката куќа „Антолог“, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик, „Драги“, беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура и со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).
Во 2025 година Лидија Танушевска ја доби наградата „Драги“ за преводот од полски јазик на романот „Емпусион“ од Олга Токарчук, во издание на „Антолог“, во 2024 – Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на романот „Интимен живот“ од Николо Аманити, исто така на „Антолог“, а во 2023 година – Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро, во издание на „Артконект“. Следната година повторно во фокусот на наградата „Драги“ ќе бидат прозни дела во превод на македонски јазик.












