Познато е кога „пукна љубовта“ меѓу Анчелоти и Перез

231
epa11938211 Real Madrid's head coach Carlo Ancelotti attends a press conference in Madrid, Spain, 03 March 2025. Real Madrid plays against Atletico Madrid in a UEFA Champions League Round of 16 first leg match on 04 March. EPA-EFE/JUANJO MARTIN

Иако во претходните сезони заврши одлична работа со Реал (М), трофејниот италијански стручњак, Карло Анчелоти, е пред отказ бидејќи постои шанса „кралскиот клуб“ да ја заврши оваа сезона без трофеј.

По елиминацијата во четвртфиналето на Лигата на шампионите, екипата на Реал (М) беше поразена и во финалето на Купот на кралот, каде по продолженијата Барселона славеше со 3:2.

За „кралевите“ останува да се борат за трофејот во Ла Лига и тоа против вечниот ривал Барселона кој во моментов има предност од четири бода.

Сепак, и да ја освојат Ла Лига, тоа речиси сигурно нема да го спаси Анчелоти, бидејќи отказот за искусниот Италијанец е веќе готов, а на големо се зборува за тоа дека на негово место по Светското клупско првенство ќе пристигне Чаби Алонсо.

Сепак, по поразот од Барселона во Купот на кралот, од соблекувалната на Реал испливаа разни детали, пред се за односот на Анчелоти со Флорентино Перез.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Анчелоти и Перез веќе некое време немаат добри односи, а се започнало со инсистирањето на италијанскиот тренер пред почетокот на сезоната да го засили стручниот штаб.

Анчелоти му рекол на Перез дека тој и неговите помошници не можат да ја завршат целата работа за подготовка на натпреварите поради густиот распоред и побарал од клубот да ангажира уште неколку тактички аналитичари за да му помогнат, но тоа не се случи.

Шпанскиот весник „Релево“ наведува дека Анчелоти во неколку наврати го барал тоа од Перез, но претседателот на Реал не го испочитувал, сметајќи дека стручниот штаб што го има е доволен, што покажа минатата сезона.

Сепак, Анчелоти знаеше дека оваа година распоредот ќе биде уште потежок и дека ќе му биде потребна дополнителна помош, но очигледно претседателот на Реал тоа не го разбрал.

„Релево“ го истакна и фактот дека Барселона имала дури седум аналитичари за финалето на Копа дел Реј, а четворица од нив биле на стадионот со камери и лаптопи за да го следат секој можен детал.

Од друга страна, Анчелоти имаше само двајца помошници со лаптопи кои му помогнаа нему и на неговите помошници да се подготват за натпреварот против Барселона.

Сепак, Анчелоти нема долго да биде без работа по заминувањето од Реал (М), бидејќи веќе на големо се шпекулира дека тој договорил се со бразилската репрезентација која ќе ја преземе по летната пауза.

ИЗДВОЕНИ