Холандскиот фудбалски судија Роб Диперинк почина на 39-годишна возраст, а полицијата ги истражува околностите под кои настапила неговата смрт. Веста ја потврди Холандската фудбалска асоцијација, која соопшти дека е „шокирана и длабоко тажна“ од загубата на еден од своите најценети меѓународни судии. Од Федерацијата истакнаа дека Диперинк не бил само искусен арбитар туку и одличен колега и човек целосно посветен на својата работа.

Неговото име се најде во центарот на вниманието во април годинава, кога беше уапсен во Лондон под сомнение за сексуален напад врз малолетно момче по наводен инцидент во хотел. Поради тоа, ФИФА го отстрани од списокот на судии за Светското првенство 2026, каде што требаше да биде ВАР-судија во тимот на Дани Макели.

Сепак, само неколку недели подоцна, британската полиција ја затвори истрагата, наведувајќи дека нема доволно докази за покренување постапка, а против Диперинк не беа преземени никакви правни мерки. И покрај тоа, ФИФА не ја промени одлуката за неговата суспензија.

По затворањето на случајот, Диперинк изјави дека бил неправедно обвинет и дека од самиот почеток целосно соработувал со полицијата, ФИФА, УЕФА и Холандската фудбалска асоцијација. Неговата ненадејна смрт доаѓа само неколку месеци по тој случај, а истрагата за причините и околностите сè уште е во тек.

 

ИЗДВОЕНИ