Со донација од ЕУ вредна 700.000 евра, Државниот инспекторат за транспорт доби 16 специјално опремени возила, како и две возила за следење, мобилен контролен центар, современ софтвер и обуки за инспекторите. Според министерот Александар Николоски, новата опрема ќе овозможи поефикасни контроли низ целата држава, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патиштата

Државниот инспекторат за транспорт доби нови возила и опрема со која инспекторите поефикасно ќе ја извршуваат својата работа на целата територија на државата. Станува збор за донација од Европската Унија во вкупна вредност од 700.000 евра.
– Донацијата од ЕУ е многу значајна за нас. Со ова, Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија. Ако претходно вредните луѓе кои работат во инспекторатот се обидуваа колку што можат да ја покријат територијата на државата, по оваа донација ќе можат целосно да ја покријат и да бидат присутни буквално на секоја точка – изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Тој нагласи дека новите специјално опремени возила ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.
– Со овие 16 специјално опремени патнички возила, двете специјално опремени возила за следење и специјално адаптираното комбе кое ќе служи како контролен центар, Инспекторатот ќе може целосно да ја заврши својата работа. Тоа значи повеќе безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, но и подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и контролата на автобусите за да ги исполнуваат сите стандарди за превоз на патници – рече министерот.
Според него, инвестициите во патната инфраструктура мора да бидат проследени со засилени контроли, со цел да се зачува нивниот квалитет и долговечност.
– Градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и на заштитата на патиштата. Еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин, инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност – истакна Николоски.
Тој упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, за неговата лична посветеност во реализацијата на проектот, нагласувајќи дека донацијата не се состои само од возила.
– Оваа донација не се само возила, туку и современ софтвер за следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите во Државниот инспекторат за транспорт. Оваа донација значи иднина – порача Николоски.
Заменик-претседателот во втора фаза најави дополнителни инвестиции со цел унапредување на капацитетите и на ефикасноста на Државниот инспекторат за транспорт.
Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас истакна дека испорачаните возила се опремени со ИТ опрема и со тоа ќе им ссее од корист на инспекторите за поефикасни проферки на патиштата и поголема безбедност на патниот транспорт.
– Донацијата се вклопува во иницијативата „Безбеден град“. Наскоро ќе бидат испорачани нови возила со што се покажува како најдобро се користат грантовите од ЕУ, а истовремено ова е уште еден доказ дека со овие возила ЕУ и помага на Македонија подобро да се подготви за членство во Европската унија – истакна Рокас.
Коридорот 10 добива паметен транспортен систем, наскоро ИТС и на Коридор 8
Министерот Николоски потсети дека во тек е поставување на интелигентен транспортен систем на коридорот 10, а во следниот период ќе има и по коридорот 8.
– Едно од барањата на реформската агенда е воведување на т.н. интелигентни транспортни системи (ИТС). Министерството за транспорт во соработка со министерствата за внатрешни работи и за локална самоуправа, а во координација со Делегацијата на ЕУ во земјава, се прават измени во пет закони. Во соработка со Светска банка и со голем грант од механизмот за поддршка на Западен Балкан веќе работиме на инсталирање на ИТС на коридорот 10, а наскори и на коридорот 8 – истакна Николоски и подвлече дека донацијата за ИТС изнесува 13 милиони евра.
Што се однесува до обновениот тендер за набавка на електрични автобуси, Николоски потсети дека тој заврши во понеделникот и сега е во процес на разгледување на понудите од страна на еваулационата комисија составена од претставници од Министерството за транспорт и врски и од Машинскиот факултет. Николоски рече дека повеќе информации ќе има да каже за седум дена.
(С.Бл.)












