– Мојата цел е едноставна и јасна: развој на доброволното пожарникарство преку развој на ДПД. Токму затоа поведовме заедничка иницијатива за изменување на Законот за здруженија на граѓани, со цел подобрување на статусот на ДПД. Воедно, ќе се обидеме да го подобриме статусот на ДПД и во Законот за пожарникарство – истакна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, барајќи од пожарникарите доброволци да изградат координативна пирамида што ќе биде налик на воена структура, со тоа што во неа наместо војници, ќе има пожарникари доброволци

Повеќе од 250 пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во Македонија во вчеравечер се построија пред директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на платото пред касарната „Гоце Делчев“ во Аеродром.
Како што истакна Ангелов, целта на ова постројување е да се покаже дека постојат пожарникари доброволци, колку ги има и дека првпат доброволните противпожарни друштва од Македонија се обединети или имаат можност да се обединат под една заедничка команда и организирано да се вклучат во националниот систем за гаснење на летните пожари на отворен простор, преку тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Од денес, па натаму, јавноста уште појасно ќе знае дека вие сте сериозна и респектабилна сила – нагласи Ангелов.
За поголем заеднички успех, при справувањето со летните пожари, како командант на Силите за заштита и спасување, Ангелов побара секој ден однапред да најават, со име и презиме, барем 120-мина пожарникари доброволци, кои, во случај на потреба, ќе бидат подготвени за ангажман преку тимовите на ДЗС следниот ден, наместо да бидат ангажирани припадниците на полицијата и на Армијата.
Тој нагласи дека е потребно во следниот период сите пожарникари доброволци од ДПД што не се припадници на тимовите на ДЗС, а имаат желба да се приклучат, да дојдат во ДЗС и да склучат договор. Укажа и на тоа дека во противпожарните тимови за брз одговор на ДЗС нема да бидат примени лица што не се членови на ДПД.
– Мојата цел е едноставна и јасна: развој на доброволното пожарникарство преку развој на ДПД. Токму затоа поведовме заедничка иницијатива за изменување на Законот за здруженија на граѓани, со цел подобрување на статусот на ДПД. Воедно, ќе се обидеме да го подобриме статусот на ДПД и во Законот за пожарникарство – истакна Ангелов, барајќи од пожарникарите доброволци да изградат координативна пирамида што ќе биде налик на воена структура, со тоа што во неа наместо војници, ќе има доброволни пожарникари.
Тој објасни дека во зависност од бројот на пожарникари доброволци, секое ДПД ќе има едно или повеќе одделенија составени од десетина лица. Притоа, три вакви одделенија ќе формираат еден вод, а три или четири вода ќе формираат чета. Ангелов наведе дека доколку успешно ја оформи оваа пирамида, како командант на Силите за заштита и спасување, со само еден повик ќе може да активира до 120-мина пожарникари доброволци, а во некоја алармантна ситуација – и повеќе. На тој начин, како што рече, пожарникарите доброволци, преку тимовите на ДЗС, прецизно, ефикасно и рационално ќе бидат вградени во националниот Систем за гаснење пожари.
– Со новата структура ќе се обезбедат добивање и размена на брзи, точни и прецизни информации, брзо носење одлуки, јасно пренесување на наредбите, како и дисциплина на највисоко ниво – потенцираше Ангелов.
Според него, предноста на пожарникарите доброволци пред припадниците на полицијата и Армијата е во тоа што повеќето од нив имаат противпожарна униформа, обука, искуство и, најважно од сè, доброволно се пријавени да гаснат пожари, не се испратени со наредба и се многу мотивирани за гаснење пожари на отворен простор.
Ангелов напомена дека Собранието излегло во пресрет со измените на Законот за заштита и спасување, зголемувајќи ја горната старосна граница на Силите за заштита и спасување од постојните 55 на 64 години.
– Тоа отвора можност многумина храбри доброволци, кои се над 55-годишна, но под 64-годишна возраст, да станат дел од тимовите на ДЗС. Со тоа што ќе биде задолжителен еден општ лекарски преглед за сите членови на тимовите – објасни Ангелов.
Тој најави дека следниот период ќе им се посвети на опремувањето и доопремувањето на доброволните пожарникари со противпожарни униформи и со опрема. Како што рече, очекува помош и од општествено одговорните компании и, како што спомена, ќе помага и државата.
Што се однесува на подготвеноста за справување со пожари, Ангелов повтори дека оваа сезона се подготвени како никогаш досега. Оти по долги години, првпат годинава, уште од јуни, има на располагање три функционални „ер трактори“ со пилоти, кои деновиве помагаат да се изгасне пожарот кај селото Бајково, во Општина Ново Село, потоа два полициски и еден армиски хеликоптер, 42 специјални противпожарни возила, поранешни армиски и полициски возила, кои се пренаменети во извонредни противпожарни теренски возила.
Исто така, со договор на дело се ангажирани и доволен број поранешни искусни припадници на полицијата и на Армијата, кои ќе управуваат со 22 „пинцгауери“, 15 БТР 80 и 5 „хермелини“ со цистерни. Ангелов рече дека на ниво на држава има околу 950 професионални пожарникари, 105 т.н. навални возила, односно цистерни со моќни пумпи, 50 возила за гаснење шумски пожари, 55 теренски возила со пумпи и 33 автоцистерни. Исто така, спомена дека скопската Бригада за противпожарна заштита ставила во функција повеќе противпожарни возила што „лежеле“ по паркинзите поради ситни дефекти, но и тоа дека годинава биле набавени 1.000 најсовремени противпожарни водни ранци и 1.000 противпожарни метли и дека противпожарните единици поседуваат голем број лична заштитна униформа, друга противпожарна опрема итн.
Според Ангелов, најсилно оружје против летните пожари е совеста на граѓаните.
(А. П.)












