Опожарените шуми не смеат да станат бизнис за некого, туку мора да се обноват и заштитат, порача Демократската обнова на Македонија (ДОМ), по пожарите што изминатиот период зафатија повеќе подрачја низ земјава. Од партијата велат дека сликите од Китка и од опожарените ридови низ Македонија се доволен знак дека се потребни посериозни и системски мерки за справување со пожарите, но и со последиците што остануваат зад нив.
Според ДОМ, работата не треба да заврши кога ќе се изгасне огнот. По пожарот, како што велат од партијата, мора веднаш да следи санација и обнова на шумата.
Од ДОМ посочуваат дека постојниот систем овозможува продажба на дрвна маса од опожарени површини преку таканаречените „вонредни сечи“. Тие бараат оваа можност законски да се ограничи и јасно да се прецизира. Изгорените и оштетените стебла, според нив, треба да се отстрануваат само кога тоа е потребно за обновување на шумата, а не за некој да заработува од опожарената дрвна маса.
Од ДОМ бараат по секој пожар да има задолжителен план за санација и обнова на секоја опожарена државна шумска површина. Во тој план, како што наведуваат, треба јасно да стои што ќе се прави, во кој рок и кој ќе биде одговорен за реализацијата. Партијата предлага и ЈП „Национални шуми“ да биде единствениот непосреден носител на санацијата и обновата на државните шуми со кои стопанисува. Меѓу барањата е и забрана за комерцијална сеча и продажба на опожарената дрвна маса, како и воведување јасни правила за издавање дозволи за сеча на опожарените површини.
ДОМ бара и целосна јавна евиденција за отстранетата дрвна маса – граѓаните да можат да знаат колку дрва се извадени, каде се однесени и што е направено со нив. Предлагаат да има и јавен регистар на опожарените површини, со планови за санација, рокови и информации дали планираното навистина се реализира.
Од партијата бараат и законски да се спречи опожареното шумско земјиште да се пренаменува во градежно додека трае санацијата. Според нив, периодот по пожарот не смее да се користи за урбанистички и други економски интереси. ДОМ предлага и средствата што евентуално би се добиле од дрвната маса која мора да биде отстранета по пожарот, да се вложуваат назад во шумите – за нивно обновување и заштита.
– Опожарените шуми се нешто што државата има обврска да го обнови и заштити, а не „ресурс“ од кој ќе се профитира по пожарот – велат од ДОМ.












