Нелегалниот премин кај Бит-пазар ќе стане легален. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, одговори на советничко прашање дека ќе има обележан пешачки премин на тоа место и дека ќе бидат поставени семафори.
Воедно, информираше дека е потпишан договор за набавка на 100 електрични автобуси и оти се очекува првите да пристигнат до крајот на годинава.
– Наши тимови, со тим од Министерството за транспорт, работат во Автокоманда и во Ѓорче Петров, каде што ќе бидат поставени полначите, за да не се губи време – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во текот на наредната недела ќе биде распишан тендерот за БРТ, проект преку кој, како што потенцира, ќе бидат набавени уште 40 еколошки автобуси.
– До крајот на мојот мандат, планирам да бидат набавени дополнителен број автобуси со средства од Градот – заклучи скопскиот градоначалник.
Инаку, советниците од Левица денеска ја напуштија седницата бидејќи скопскиот градоначалник не одговараше поединечно на прашањата, туку откако сите советници ги поставија прашањата.
В четврток пристигнуваат три камиони за собирање отпад
Првиот човек на Градот, Орце Ѓорѓиевски, најави дека в четврток ќе пристигнат три камиони за собирање отпад и дека до крајов на месецов, веројатно, Градот Скопје ќе добие околу 3.500 нови контејнери. Со тоа, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски очекува проблемот со отпадот во главниот град да стане минато.
Тој, одговарајќи на советнички прашања, појасни дека место првично планираните 2.000 контејнери, ќе се набават 3.500- 3.600 контејнери, затоа што успеале да ги набават по цена од нешто повеќе од 9.000 денари. Вели дека во претходните десетина години, истите контејнери биле набавувани по цена од 24.000, до најевтино по цена од 18.000 денари.
Исто така, тој најави дека од Владата ги очекуваат другите камиони за собирање отпад, а во меѓувреме ќе бидат направени уште две претоварни станици, едната во Карпош, за Карпош и за Ѓорче Петров, а другата во Гази Баба, за да се растовари, како што рече, притисокот на постојните.
(А. П.)












