понеделник, август 31, 2026
Дома СКОПСКА Земјоделците да не зависат од условот за 30 % предаден род

Земјоделците да не зависат од условот за 30 % предаден род

1

Условот земјоделците да имаат продадено или предадено најмалку 30 проценти од производството за да добијат субвенции треба да биде укинат, предлага Министерството за земјоделство. Министерот Борче Серафимовски вели дека промената следува по барањата на земјоделците и сточарите, кои годинава се соочуваат со лоши временски услови, болести кај стоката и проблеми со пласманот на дел од производите. Според него, во вакви услови не е реално висината на субвенциите да зависи од количината на родот што земјоделецот успеал да ја продаде или предаде.

Поради тоа, Министерството подготви Уредба за изменување на правилата за директните плаќања за 2026 година. Измените ќе опфатат повеќе категории производители, меѓу кои житари, лозари, овоштари, градинари и одгледувачи на јагниња. Очекувањето е изменетата Уредба да биде ставена на усвојување на следната седница на Владата.

 

Условот земјоделците да имаат продадено или предадено најмалку 30 проценти од производството за да добијат субвенции, треба да се укине. Оваа промена ја предлага Министерството за земјоделство, по барањата и забелешките што земјоделците и сточарите ги изнесувале на средбите со министерот Борче Серафимовски. Причината, како што посочува Серафимовски, е што годинава многу производители мака мачат со временските услови, болести кај стоката, но и со слаб пласман на дел од земјоделските производи.

Според него, во вакви услови не е реално земјоделецот да се условува со тоа колкав дел од родот успеал да продаде или предаде.

– Изминатиов период имав бројни и непосредни средби со земјоделци и сточари, на кои отворено разговаравме за проблемите и за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно – вели Серафимовски.

Тој додава дека лошото време, а на места и екстремните временски услови, оставиле сериозни последици врз производството. Дополнителен проблем биле и болестите што погодиле дел од сточниот фонд, додека кај одредени производи земјоделците се соочиле и со проблеми каде да го пласираат родот. Токму затоа, како што вели министерот, критериумите за субвенциите треба да се прилагодат на она што навистина им се случува на терен.

– Поради овие околности, предложив да се укине условот висината на субвенциите да зависи од минимум 30 проценти продадено или предадено производство – посочува Серафимовски.

За оваа промена е веќе подготвена Уредба за изменување на правилата за директните плаќања за 2026 година. Документот го подготви Министерството за земјоделство, шумарство и  водостопанство, а со измените треба да им се олесни патот до субвенциите на повеќе категории земјоделци. Промените се однесуваат на производителите на житни и индустриски култури, лозари, овоштари и градинари, како и на одгледувачите на јагниња.

Очекувањето на Министерството е изменетата Уредба да биде ставена на усвојување на следната седница на Владата.

 

ИЗДВОЕНИ