понеделник, јули 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Повеќе летови, повеќе патници – охридскиот аеродром се шири за да прими...

Повеќе летови, повеќе патници – охридскиот аеродром се шири за да прими нови авиокомпании

152

Охридскиот аеродром влегува во завршната фаза на големата реконструкција, а најавата е дека до крајот на летото ќе блесне во ново руво. Со нова терминална зграда, нови административни простории и со зголемен капацитет, надлежните очекуваат уште повеќе авиокомпании и патници да поминуваат низ охридската воздушна порта.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, од Дебрца порача дека се работите прикрај и дека се движи проектот според планираното.

– Привршува реконструкцијата на охридскиот аеродром и очекувам до крајот на летото да го завршиме. Ќе добиеме еден нов аеродром, нова административна зграда, но најважно: нова терминална зграда, повеќе простор за слетување и полетување, што ќе овозможи поголем капацитет за нови авиолинии и повеќе патници – изјави Николоски.

Според него, во моментов паралелно се работи на четири проекти, а реализацијата кај секој од нив е меѓу 80 и 90 проценти. Планот е реконструкцијата да заврши до крајот на летото, по што ќе следува подготовка на сите служби за целосно функционирање на обновениот аеродром.

Од 15 август, надлежните институции: Агенцијата за цивилно воздухопловство, контролата на летање М-НАВ, Агенцијата за национална безбедност, Царината и Министерството за внатрешни работи треба да ги завршат подготовките за аеродромот да ги исполнува највисоките безбедносни стандарди.

Со новата инфраструктура, очекувањата се охридскиот аеродром да продолжи да расте и да стане уште попривлечен за авиокомпаниите.

А бројките веќе покажуваат дека е во пораст интересот за летови од и кон Охрид. Во првите шест месеци од годинава аеродромот забележал раст од 18,2 проценти, со превезени 122.638 патници. Во истиот период се реализирани 907 лета, што е зголемување од 26 проценти во споредба со истиот период лани.

ИЗДВОЕНИ