Долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски по светската премиера на Сараевскиот филмски фестивал, вечерва (21 ч.) ќе биде прикажан и во рамките на Фестивалот за документарен филм „МакеДокс“ во Куршумли ан, каде ќе ја има македонската премиера. Публиката ќе ги слушне гласовите на луѓето чии животи засекогаш се променија по пожарот во дискотеката „Пулс“ – преживеани, членови на семејствата на загинатите и луѓе кои во најтешките моменти се обидувале да помогнат и да спасат животи.
Билетите за вечерашната проекција се распродадени, но за оние кои ќе сакаат да го видат филмот, од 26. август ќе игра во Синеплекс. Целиот приход од продадените билети, преку Support Kocani ќе биде дониран за помош на жртвите и преживеаните од трагедијата во Кочани.
Пред почетокот на проекциите, на платното ќе биде објавен QR код преку кој секој што сака ќе може дополнително да донира.
„Добри луѓе” е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го сними со свои средства, во знак на почит кон жртвите и преживеаните и на
публиката ѝ ги носи непосредните сведоштва на тивките херои, кои се обидувале да спасуваат животи, но и на преживеаните.
Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски вечерва ќе ја има својата македонска премиера на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Проекцијата е закажана за 21:00 часот во Куршумли ан, а билетите за премиерата се распродадени.
„Добри луѓе“ е снимен со мала филмска екипа, само еден месец по трагедијата од 16 март 2025 година, во која загинаа 63 лица. Наместо реконструкција на настаните или обид трагедијата да се објасни од дистанца, Манчевски го насочува филмот кон сведоштвата и личните искуства на луѓето кои биле таму.
Филмот остава простор на оние што ја носат загубата, сеќавањата и последиците.
„Хероите не се војсководците, туку добрите луѓе“, вели Манчевски, објаснувајќи ја идејата што стои зад насловот на филмот.
Распродадената проекција покажува голем интерес на домашната публика за филмот, но вечерта во исто време носи и посебна тежина, приказната снимена во Кочани за првпат ќе биде прикажана пред македонска публика.












