Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, во скопските општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан бајрам, и годинава постави специјални контејнери во кои граѓаните ќе можат да го фрлат органскиот отпад (остатоците од курбанот).
Контејнерите за фрлање органски отпад се во: Општина Шуто Оризари – автобуската станица на последна „19“, кај маркетот „Харбин“; Општина Бутел – во близина на џамијата „Бедр“ во Бутел 1; Општина Гази Баба – гробиштата Камник, во непосредна близина на џамијата во населбата Ченто; Општина Чаир – во близина на ресторанот „Фа-фа“, во близина на новата џамија во Чаир, во близина на џамијата во Тенеке Маало, во близина на Теќето во Дуќанџик, на раскрсницата на булеварот „Адем Демачи“ со улицата „Дижонска“, како и на раскрсницата на улицата „Џон Кенеди“ со улицата „22 Ноември“. Потоа, Општина Сарај – кај езерото Треска; Општина Арачиново – на излезот, во близина на гробиштата и Општина Студеничани – во селото Студеничани, во селото Моране и во селото Батинци.
Од претпријатието апелираат до верниците да го фрлаат органскиот отпад исклучиво во поставените садови, затоа што, како што нагласија, неговото фрлање на јавни површини може сериозно да го загрози јавното здравје и да ја загади животната средина.












