вторник, јули 21, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Поскапуваат авиобилетите?

Поскапуваат авиобилетите?

45

Зголемените цени на горивата и геополитичката неизвесност дополнително ја продлабочуваат кризата во европската авиоиндустрија, а аналитичарите предупредуваат дека тоа би можело да доведе до нов пораст на цените на авионските билети.

Европските авиокомпании се соочуваат со нови финансиски притисоци поради војната меѓу САД и Иран, која предизвика зголемување на цените на горивата и дополнително ги оптовари превозниците што сè уште закрепнуваат од последиците од пандемијата.

Според аналитичарите, долготрајниот конфликт на Блискиот Исток ги зголеми оперативните трошоци и ја откри финансиската ранливост на дел од европските авиокомпании, кои размислуваат за реструктуирање, продажба или дури и за заштита од банкрот, пренесува „Ројтерс“.

Британскиот нискобуџетен превозник „Изи џет“ се приближува кон преземање од американски инвеститори по вредност значително пониска од онаа пред пандемијата. Истовремено, латвискиот „Ер Балтик“ бара краткорочно финансирање за да избегне неплаќање, а норвешкиот „Норс Атлантик“ спроведува стратешки преглед на своето работење.

Директорот за Европа, Блискиот Исток и Африка во консултантската компанија „Интерпат“, Барема Бокум, изјави дека неговата компанија моментално работи на реструктуирање на четири до пет големи европски авиокомпании.

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) неодамна речиси ја преполови прогнозата за профитот на глобалната авиоиндустрија во 2026 година, наведувајќи ги како главни причини повисоките цени на горивата, прекините во воздушниот сообраќај и неизвесноста на Блискиот Исток.

Аналитичарите предупредуваат дека особено ранливи се помалите превозници, бидејќи послабата летна сезона би можела дополнително да го отежне нивното работење во текот на зимата.

ИЗДВОЕНИ