вторник, јули 21, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Агрометеоролозите со апел, заштитете ги културите од суша и топлотен стрес

Агрометеоролозите со апел, заштитете ги културите од суша и топлотен стрес

9

Земјоделците редовно да ги наводнуваат посевите, да ја следат евентуалната појава на болести и штетници и да ги почитуваат препораките за работа на отворено, препорачуваат агрометеоролозите на УХМР.

Според нив, сите активности што се итни, треба да се извршуваат рано наутро или приквечер.

– Изминатава седмица имавме сончево и топло време со повремени врнежи од дожд на некои места. Топлото време доведува до зголемување на транспирацијата и на евапотранспирацијата, со што доаѓа и поголемата потрошувачка на вода. Растенијата губат повеќе вода преку транспирацијата отколку што може нивниот коренов систем да прими вода од почвата, што може да предизвика нарушување на водниот баланс во растението, т.е. појава на воден дефицит и појава на суша. Затоа е потребно редовно наводнување на културите, исклучиво во ноќните или во раните утрински часови за да се спречи шок кај коренот и големо испарување – објаснуваат агрометеоролозите.

Потсетуваат и дека повеќето од културите се наоѓаат во интензивен пораст и во фаза на берба.

– Пченицата е веќе прибрана или се прибира. По вршидбата, зрното се досушува ако има потреба за тоа до 14 отсто влага, а потоа се складира во магацин или во силоси, а сламата, по жетвата, се балира и се складира во камари до нејзината употреба. Пченката, која е во интензивен пораст, треба да се наводнува, иако се смета дека е отпорна на суша. Најголеми потреби за наводнување има во фазата метлење до налевање на зрното. Секој топлотен стрес и недостигот на влага во овој период може драстично да го намалат крајниот принос – децидни се агрометеоролозите.

УХМР за следните денови прогнозира сончево и топло време со мала до умерена облачност и услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер во попладневните часови.

ИЗДВОЕНИ