Јавната набавка за купување 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење е поништена откако Државната комисија за жалби по јавни набавки донела решение за поништување по службена должност, информираа од Министерството за транспорт. Оттаму посочуваат дека, согласно со законските надлежности и постапките предвидени со регулативата, јавната набавка ќе биде повторно објавена во најбрз можен рок.

Овој тендер беше распишан во февруари годинава и предвидуваше набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полначи. Според првичниот план, 100 автобуси беа наменети за Град Скопје, додека другите 50 за општините во државата.

Во рамките на постапката, како најповолен понудувач беа избрани унгарската компанија „Икарус“ и австриската ЕВН, кои понудија најниска цена од 19.350.000 денари, односно околу 314 илјади евра од автобус.

Според условите од јавниот повик, избраниот економски оператор требаше да испорача 30 автобуси во рок од шест месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци и дополнителни 60 автобуси во рок од 18 месеци од склучување на договорот. Понудата предвидуваше и обврска за одржување на возилата и обезбедување резервни делови во период од 10 години.

Електричните автобуси, според техничките спецификации, требаше да имаат минимална моќност од 300 kW, капацитет од најмалку 66 патници и автоматски климатизиран систем за ладење и греење.

Од Министерството нагласуваат дека постапката за нова јавна набавка ќе биде спроведена согласно со законските процедури, со цел обезбедување транспарентност и ефикасно трошење на јавните средства.

Во меѓувреме, од компанијата „Икарус“ соопштија дека добивањето на договорот претставува значајна меѓународна пресвртница за компанијата и една од најголемите набавки на електрични автобуси во нејзината историја.

ИЗДВОЕНИ