Поетот за деца и за возрасни, Филип Димкоски, викендов ќе настапи на државната смотра на читањето со меѓународно учество „Читателчиња“ („Читалиќи“), во Алексинац, Србија. Во рамките на манифестацијата, Димкоски, како единствен автор од Македонија, ќе учествува на средбите со деца, заедно со еминентни книжевни имиња од државата домаќин и од регионот, како што се Јасминка Петровиќ, Дејан Алексиќ, Виолета Јовиќ, Власта Н. Цениќ, Гордана Тимотијевиќ, Шимо Ешиќ и др.

Поетот Димкоски не е ново име на книжевната сцена во Србија. Две негови книги се објавени на српски јазик, меѓу кои и книгата за деца „Заедно да растеме“, наградена со плакетата „Сима Цуциќ“ од Банатскиот културен центар во Ново Милошево. Тој е застапен во повеќе зборници и антологии во Србија, има учествувано на повеќе телевизиски емисии, а свои книжевни промоции имаше и на Меѓународниот саем на книгата во Белград, како и на Книжевниот салон во Нови Сад. Има гостувано во Ниш, Врбас, Суботица, Дољевац, Златибор и има одржано голем број работилници со деца. Се залага за промоција на македонскиот јазик во Србија, но и на српскиот јазик во Македонија, одржувајќи средби и работилници со децата што ги изучуваат овие јазици. На „Читателчиња“, тој ќе настапи вторпат.

– Оваа смотра опстојува токму заради децата и заради желбата да се негува, но и да се шири љубовта кон читањето. Во годината кога се навршуваат десет години од мојата интензивна книжевна соработка со Србија, чест ми е што повторно ќе настапам на оваа манифестација и се радувам што повторно ќе се сретнам со многу деца, но и со драги колеги – вели, меѓу другото, Димкоски.

Богатата програма опфаќа тестирања за учениците во врска со прочитаните книги, претставување на креативни штандови и работилници за деца со писатели и глумци. Во рамките на програмата ќе биде реализиран и симпозиум на тема „Од читање до алгоритми – меѓу дигиталното огледало и културниот корен“, на кој од Македонија, како предавачи, ќе учествуваат: Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, виш библиотекар при Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“; Љупка Стојменова, училиштен библиотекар во ОУ „Никола Карев“ од Кочани и Коце Стојменов, библиотекар во локалната библиотека „Искра“ од Кочани.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ