Македонската Агенција за филм и оваа година активно учествуваше на Филмскиот фестивал во Кан, кој започна на 12 мај, а завршува на 23 мај, а каде што македонската кинематографија беше претставена преку повеќе професионални, промотивни и меѓународни активности. На Канскиот фестивал присуствуваа претставници на Агенцијата за филм задолжени за меѓународна соработка и промоција на македонската кинематографија, меѓу кои и директорот Сашко Мицевски, кој учествуваше на панел организиран од „Centre national du cinéma et de l’image animée“, посветен на копродукциската соработка со Франција.
– На панелот се дискутираше за значењето на поддршката што ја обезбедува Агенцијата за фестивалите „Мекедокс“ и ИФФК „Браќа Манаки“, особено во делот на вмрежувањето и поврзувањето француски и македонски продуценти – посочуваат од Агенцијата за филм.
Во рамките на фестивалската програма, македонски филмски проект на Марко Ѓоковиќ беше селектиран на работилница за композитори, што претставува значајна можност за меѓународно вмрежување и понатамошен развој на проектот. Исто така, Агенцијата за филм закупи и маркет-проекција за долгометражниот игран филм „Аномалија“, во режија на Ѓоковиќ, која се одржи на 16 мај, во рамките на филмскиот маркет.
Дополнително, македонската продуцентка Ивана Шекуткоска е избрана меѓу 20. најперспективни европски продуценти за 27. издание на престижната програма „Producers on the Move“. Оваа иницијатива на „European Film Promotion“, каде што членува и Агенцијата за филм, се реализира во рамките на Канскиот филмски фестивал со цел поврзување на најуспешните европски продуценти и поттикнување нова меѓународна соработка.
– Во рамките на фестивалот, Агенцијата за филм реализираше низа активности насочени кон афирмацијата на македонскиот филм и јакнењето на меѓународната соработка. Македонскиот штанд во SEE Pavilion беше местото каде што се презентираа најновите случувања во македонската кинематографија, актуелните филмски проекти и можностите што ги нуди земјата како атрактивна дестинација за снимање филмови и меѓународни продукции. Сите професионалци и претставници на филмската индустрија што го посетија павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE Pavilion), а беа заинтересирани за идна соработка и иницијативи, имаа можност да остварат состаноци со македонската делегација, за што беше подготвен и обемен промотивен материјал – се додава во соопштението на Агенцијата за филм.

Воедно, претставниците на Агенцијата за филм учествуваа и на Генералното собрание на Европската асоцијација на директори на филмски фондови и агенции (European Film Agency Directors Association), што претставува важна можност за институционално вмрежување и продлабочување на меѓународната соработка.
Како што велат оттаму, Агенцијата за филм продолжува активно да работи на меѓународна афирмација на македонската кинематографија и на отворање нови можности за соработка со европски и светски филмски професионалци на еден од најзначајните филмски фестивали во светот.












