Поправката на жичницата на Средно Водно сè уште не почнала, а дојде и септември. Но, на последната седница на Советот на Град Скопје, градските советници одобрија зголемување на субвенции за Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) од Град Скопје токму за санирање на сериозниот дефект, во износ од 45 милиони денари. Првично беа предвидени 20 милиони денари, но се додадени дополнителни 25 милиони денари.
Од Град Скопје велат дека е во тек постапка за избор на економски оператор за реализација на потребните активности, согласно со одредбите од Законот за јавни набавки, преку ЈСП, кое стопанисува со жичницата. Додаваат дека се очекува постапката да биде финализирана во наредниот период, по што ќе почнат активностите за санација, согласно со однапред утврден план и динамика за реализација.
– Станува збор за сериозен зафат, кој е резултат на долгогодишна негрижа и бара темелен и одговорен пристап. Работиме интензивно на неговата реализација и тој ќе биде завршен во најкраток можен рок, во согласност со сите пропишани безбедносни стандарди. Како Град Скопје, остануваме доследни на ветеното.
Наш приоритет се граѓаните, нивните потреби и барања и токму затоа ќе продолжиме посветено да работиме на решавање на проблемите – одговорија градските власти.
Жичницата беше затворена пред четири месеци. Тогаш скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека се прави тоа поради сериозен дефект.
Првите сомнежи кај јавноста во однос на неисправноста на жичницата се јавија уште во април, кога од ЈСП секој втор ден од месецот информираа дека не работи жичницата поради силен ветер, дополнително, секој последен вторник запираше поради редовен технички сервис, додека во понеделниците, според распоредот, таа не работеше. Но, во текот на април, повеќе денови беше запрена отколку што работеше.
Дека се случува нешто сериозно, извести Ѓорѓиевски, кој во мај соопшти дека побарал да дојдат претставници од фирмата „Допелмаер“, кои, по извршениот увид, утврдиле дека ниту еднаш не бил направен целосен сервис, а констатирале и дека има опасност да се откачи некоја од гондолите. По увидот на тимот од австриската компанија, градските власти одлучија таа да остане затворена. Од Град Скопје тогаш соопштија дека се обезбедени 300 илјади евра за поправка, но дека сѐ уште не може да прецизираат колку реално ќе чини тоа.
(А. П.)












