Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Пеце Мирчевски е обвинет дека ја оштетил државата за речиси 8 милиони денари преку злоупотреба на службената положба, користење владин авион за приватни патувања, плаќања со службена картичка и други трошоци што, според Обвинителството, немале службена оправданост
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор Пеце Мирчевски за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување службена исправа. Според обвинението, во периодот од јули 2021 до март 2024 година, додека бил на чело на СОЗР, тој потпишувал решенија и патни налози за службени патувања за себе и за други вработени, иако, како што тврди Обвинителството, не постоела реална основа тие патувања да бидат службени. Во тој период, обвинетиот за приватни потреби го користел владиниот авион „Лирџет 60“, а трошоците за патувањата биле покривани од сметката на СОЗР. Дополнително, за хотелски и угостителски услуги користел средства од службена картичка издадена на негово име. Со овие дејствија, според Обвинителството, буџетот на СОЗР бил оштетен за 2.562.139 денари или речиси 42 илјади евра.
Второто дејствие за кое се товари поранешниот директор се однесува на случај со пилот вработен во СОЗР. Обвинителството тврди дека тој не презел мерки иако бил информиран дека пилотот не ги исполнува потребните стандарди за управување со владиниот авион „Лирџет 60“. И покрај тоа што, според обвинението, бил запознаен со заклучоците од состанокот „Flight Safety Atlanta“, не побарал пилотот да ги надомести трошоците за обуката и не го известил надлежниот сектор за евентуално прекинување на работниот однос. Во меѓувреме, пилотот продолжил да прима плата за позицијата капетан-водач на воздухоплов, со што, според проценката на Обвинителството, настанала дополнителна штета од 5.431.624 денари.
Обвинителството го товари и за фалсификување службени исправи во постапки за јавни набавки поврзани со изнајмување возила за превоз на делегации и транспорт на цивилно население од Авганистан во Македонија. Според истрагата, договорите биле склучувани со иста скопска компанија за изнајмување возила, а во изјавите за непостоење судир на интереси обвинетиот навел дека нема личен интерес или корист од набавките. Сепак, Обвинителството тврди дека тој и неговата сопруга користеле возила од истата компанија без надомест, пред склучувањето на договорите, за време на неговиот мандат и по неговото завршување. Во овој предмет првично била опфатена и истрага против сопственикот на компанијата за сомнение за давање поткуп. Но, по спроведената истрага, обвинителството не нашло докази дека сопственикот имал намера преку давањето возила без надомест да обезбеди поволност при јавните набавки. Поради тоа, истрагата против него е запрена. (П.А.)












