Општина Гази Баба активно учествува во реализацијата на еден од најзначајните агроинфраструктурни проекти во поновата македонска историја: современ агроцентар што ќе претставува нов двигател на развојот на македонското земјоделство.
Овој современ агроцентар, кој наскоро ќе почне да се гради, ќе биде лоциран во економската зона во Гази Баба, покрај скопската обиколница, помеѓу клучките Хиподром и Сингелиќ.
Од Општина Гази Баба информираат дека станува збор за современа агрофуд платформа, која ќе биде централен логистички пункт за земјоделците од целата држава, место каде што домашното производство, конечно, ќе добие организиран, стабилен и сигурен пласман.
– Новиот агроцентар ќе располага со: современи магацински капацитети, ладилници со најсовремена технологија, линии за сортирање и пакување, модерен дистрибутивен центар, инфраструктура за товарни возила, како и напредни логистички и транспортни системи. Овој проект не претставува само инвестиција во инфраструктура туку и инвестиција во иднината на македонскиот земјоделец – потенцираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека со реализацијата на агроцентарот се очекуваат: подобра организација на пазарот, намалување на загубите, поконкурентни македонски производи, олеснет извоз, како и побрза и поефикасна дистрибуција низ државата и регионот.
– По години предизвици и нестабилен пласман, Македонија, конечно, добива проект што носи реална надеж, сигурност и нова перспектива за домашното производство. Гази Баба станува новото срце на агроразвојот во Македонија, место каде што почнува една нова, модерна и посилна приказна за македонското земјоделство – велат од локалната самоуправа.
Проектот е вреден над 50 милиони евра.












