Емотивни сцени го одбележаа годинашниот Ролан Гарос, каде што францускиот тениски ас, Гаел Монфис, го одигра својот последен меч на париска земја.

Монфис, кој во септември ќе наполни 40 години и веќе најави крај на богатата кариера по завршувањето на сезоната, беше елиминиран уште во првото коло од сонародникот Уго Гастон, по голема борба во пет сета – 6:2, 6:3, 3:6, 2:6, 6:0.

Но, резултатот остана во втор план. Сите погледи беа вперени кон неговото емотивно обраќање по натпреварот, а особено кон трибините, каде што од првиот ред го следеше неговата сопруга, тенисерката Елина Свитолина.

Французинот прво ѝ се заблагодари пред публиката, а потоа зборуваше од срце.

  • Сакам да ѝ се заблагодарам на Елина. Не зборувам за тенисерката Елина Свитолина, туку за Елина како жена, моја сопруга. Таа беше покрај мене во секој момент, во сите сомнежи и тешки моменти. Секогаш знаеше како да ме подигне, да ме охрабри и да ми даде сила – рече Монфис.

Потоа додаде дека токму таа му го подарила најубавото нешто во животот: нивната ќерка.

Во еден момент, емоциите целосно го совладаа, а и Свитолина не можеше да ги скрие солзите додека го слушаше од трибините.

На крајот, тој испрати кратка, но моќна порака, што предизвика громогласен аплауз во Париз: „Те сакам“.

Така, една голема тениска кариера доби достоинствено и трогателно збогување на местото каде што Монфис со години ѝ беше миленик на француската публика.

Солзи, аплаузи и огромна почит – токму така Париз се прости со еден од најхаризматичните тенисери на својата генерација.

 

ИЗДВОЕНИ