На тема „Скопје – европски град на културата 2028: културното наследство и современата културна динамика“, денеска се одржа кафе-дебата на иницијатива на Европското движење на Македонија. Настанот ги обедини претставниците од културниот и јавниот живот, академската заедница, уметниците, архитектите, истражувачите и јавните дејци, кои дискутираа за културното наследство на Скопје, современата културна сцена и за визијата за идниот културен развој на градот.
Според претставниците на Европското движење во Македонија, дебатата е неформален разговор со различни чинители од областа на културата, но и споделување идеи како Скопје да го добие епитетот европски град на културата, но и што е она што му недостига како град каде што се пресретнуваат различни култури и цивилизациски наслојки.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека станува збор за инклузивен процес, кој не треба да биде зад затворени врати и во него треба да се вклучат сите експерти од академската заедница, млади волонтери, но и процес во кој ќе се обрне внимание на културното наследство.
– Верувам дека во рамките на „Скопје европска престолнина на културата“ ќе имаме преубави настани. Тоа е титула важна за градот и за државата –нагласи Ѓорѓиевски.
Во рамките на листата со активности за трансформирање на одредени објекти, во насока на оваа титула, Ѓорѓиевски го спомена скопското Кале, каде што ќе се поправат патеките, а влезот ќе стане допадлив.
– Десет години нема урбана опрема таму. Таму планираме да поставиме една летна сцена. Летна сцена ќе се постави и кај Аквадуктот. Има грант од млади ентузијасти од американската Амбасада – нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека на таков начин треба да се остави траен белег и да се крене еланот кај секој скопјанец и граѓаните да бидат горди.
Кафе-дебатата се организираше по повод одбележувањето на 9 Мај, Денот на Европа, но и во насока на афирмирање на активностите и подготовките Скопје да се претстави како европски град на културата во 2028 година.
Дел од говорниците на дебатата, освен скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, беа и: оперската дива Ана Дурловски; универзитетската професорка и социолог на културата Антонела Петковска; Рисима Рисимкин, уметник и кореограф; Никос Чаусидис, историчар на уметноста и Митко Хаџи-Пуља, архитект.












