Со обзнанувањето на властите на Град Скопје дека во Општина Чаир се изградени 150 дивоградби во последните 3 години, се отвора Пандорината кутија во бесправното градење, а што сè ќе излезе од неа допрва ќе видиме. Надлежните велат дека никој нема да биде заштитен ако го прекршил законот
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, исфрли
податок дека на територијата на Македонија има повеќе од 200 илјади дивоградби
во 80 општини и ги повика институциите да постапуваат секаде и неселективно.
Темата со дивоградбите ја отвори скопската градоначалничка, Данела Арсовска,
која јавно објавуваше документи и, според нејзините зборови, на територијата на
Општина Чаир бесправно се граделе преку 150 објекти за три години. Таа
минатиот петок беше нападната кога со својот тим од Град Скопје беше во увид на
еден објект на Бит-пазар за кој тврдеше дека е бесправно приклучен на
водоводната и на електродистрибутивната мрежа.
Според неа, посочената дивоградба се градела на државно земјиште, без
проектна документација и одобрение за градба, како што налага Законот за
градење.
– Нема платено комуналии, нема одобрение за градење, нема проект, нема ниеден
документ со кој се гарантира безбедност на градба и да не се чудиме она што се
случува во Македонија. Дополнително, објектот е во ГУП (Генерален урбанистички
план) на Скопје, каде што овие тука си одлучиле да си прават зграда, без ниеден
документ – говореше Арсовска.
Таа ги повика институциите да постапуваат по нејзините пријави, по што МВР
влезе во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода, при што се постапува
по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а во врска со бесправна градба.
– Секаде мора да се постапи согласно со закон и доколку се утврди дека станува
збор за дивоградби и претставува ризик за безбедноста на граѓаните, истата ќе
биде предмет на уривање – рече Тошковски.
Во Македонија има преку 200 илјади дивоградби
Вакви дивоградби кои бесправно трошат струја и вода има насекаде во државата.
Јавноста со право го поставува прашањето колку вакви градби има и зошто не се
уриваат.
Пред 14 години (2011 година) беше донесен Законот за легализација на бесправно
изградените објекти, со цел над 470 илјади дотогаш регистрирани објекти да
добијат правен статус и потоа со ригорозни контроли да не се дозволува да се
градат нови. Истиот беше неколкупати продолжуван.
Според јавно достапни податоци, до почетокот на 2025 година, статус на дивоградба сè уште имаат 201.495, а досега легализирани се 271.857 објекти што е 57 проценти. Со оглед на тоа што во Македонија има околу 1,8 милиони жители, значи дека на секој
деветти жител му припаѓа по една дивоградба.
Овие бројки не кореспондираат со податоците на Државниот завод за статистика
од каде во своите годишни извештаи посочуваат дека секоја година има
регистрирано по околу 700 до 900 дивоградби. На пример, во периодот од 2019 до
2023 година, според статистика, има вкупно регистрирани 3.731 дивоградба.
Најголем број бесправно изградените објекти (93,1 %) се во приватна
сопственост.
Надлежните уверуваат: Никој нема да биде заштитен
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју, каде
меѓу другото прашан и на темата за дивоградбите, посочи дека Владата води
принципиелна политика, истото го препознаваат и граѓаните. И силно алудирајќи
дека кога станува збор за прекршување на законот, никој нема да биде заштитен.
– Прво, ние како држава не постапуваме во тие случаи, МВР може врз основа на
пријава и барање на ОЈО да дејствува и тоа го прави. Кога добива од страна на
ОЈО барање, пријава итн., тогаш постапува. Јас колку што знам, не е само во
Чаир. Колку што знам дека МВР постапи или ќе постапува и во други општини врз
основа на пријави – вели премиерот.
Мицкоски истакна дека граѓаните добро ја препознаваат принципиелната
политика на Владата, а секој оној што се огрешил пред законот нема да биде
заштитен.
– Ние водиме принципиелна политика, и граѓаните го препознаваат тоа. И никој
нема да биде заштитен, и тоа сум го кажувал многупати досега. Кој и да е, што и
да е, доколку сторил кривично дело. И тука нема дилема. Нашата цел како Влада,
прва точка на спојување е борбата токму против тоа, против потенцијалната
корупција. Секој што има различна амбиција не може да биде мој соработник –
рече Мицкоски.
(С.Бл.)