Кисела Вода е првата и единствена општина во Македонија каде што се спроведува проектот „Климас“, поддржан од програмата HORIZON, преку партнерството на „Дигитал Виздом“ – Скопје и Институтот за екологија од Словенија.
Во Домот на културата „Билјана Беличанец”, денеска се одржа првата од трите предвидени работилници чија цел е поттикнување на системски промениво во насока на намалување на загадувањето и постигнувањето климатска неутралност.
Од Општина Кисела Вода информираат дека проектот поттикнува соработка меѓу повеќе засегнати страни, применувајќи решенија засилени со вештачка интелигенција и добри практики од успешни градови како Љубљана за да постигне одржлива урбана трансформација.
– Кисела Вода е лидер во бројни иницијативи: прва општина членка на OGP, со веќе објавен акциски план; поставени пречистувачи во училишта и паркови; фотоволтаици во сите училишта; мерни станици за квалитет на воздухот; работиме на поддршка за одржливи локални стартапи и иновативни образовни програми; отворање на податоци за истражувачка и граѓанска употреба; поврзување на универзитетите со општествените предизвици – од урбано планирање, до енергетска ефикасност и здравје, спроведуваме бројни акции за пошумување, она што е најново, промовиравме и зелена апликација „City and Me“ која ги поттикнува граѓаните поеколошки да живеат, но и бројни други проекти.Нашата цел е јасна – постигнување на климатска неутралност. За тоа работиме заедно со граѓаните, со фокус на одржлив развој, иновации и транспарентност – истакна заменик градоначалникот на Општина Кисела Вода, Иван Митровски кој го отвори настанот.
Тој додаде дека ќе настојуваат резултатите и искуствата од овој проект да послужат како модел и да се применат и во другите општини ширум Македонија.
-Со тоа, Кисела Вода уште еднаш ќе биде движечка сила и пример за тоа како локалните заедници можат да ја започнат промената кон зелена, одржлива и климатски отпорна иднина – заклучи Митровски.
Професорот Сашо Јосимовски додаде дека целта на проектот е да се зајакне вклученост на јавноста, да се намали загадувањето и да се постават градовите како лидери во постигнувањето климатска неутралност. Според него, Кисела Вода веќе има изградено солидна плаформа во овие области и е вистинскиот избор од каде овој проект треба да започне со имплементација.
За позитивните практики што ги има постигнато Љубљана, како еден од лидерите во имплементацијата на проектот CLIMAS, говореше проф. д-р Барбара Бежнец, член на Словенската академија на науките и уметностите и на Институтот за екологија. Таа ја истакна подготвеноста да ги сподели добрите искуства.
На настанот на кој со активна дебата зедоа учество и бројни студенти, претставници од бизнис и од граѓанскиот сектор, говореа и м-р Султана Јовановска – докторант на Универзитетот во Љубљана и член на Институт за Екологија – Словенија, Grantee of the HORIZON Project REINFORCING, д-р Мартин Киселички, м-р Теа Јосимовска, како и проектниот координатор, м-р Данијела Петрушева.