По размената на оган меѓу Пакистан и Авганистан, пакистанските власти денес ги затворија граничните премини со Авганистан, соопштија пакистанските власти.
Авганистанските војници отворија оган доцна синоќа врз пакистанските гранични пунктови како одговор на пакистанските воздушни напади врз Авганистан претходно оваа недела, објави „Ројтерс“.
Пакистан соопшти дека одговорил на нападите од Авганистан со артилериски и пешадиски оган и потврдил дека неколку авганистански гранични пунктови се уништени.
Размената на оган заврши во недела наутро, соопштија пакистанските безбедносни власти, додавајќи дека спорадичното пукање продолжило во пакистанскиот регион Курам.
Двата главни гранични премини на Пакистан со Авганистан, кај Торкам и Чаман, беа затворени денес, како и најмалку три други помали премини, кај Харлача, Ангур Ади и Гулам Кан, потврдија локалните власти.