Пристапувањето кон СЕПА овозможи побрзи и поевтини плаќања во евра, а Народната банка работи на нов систем кој ќе овозможи уште побрзи плаќања и подобра регионална поврзаност.
– Во изминатите неколку години, Народната банка спроведе значајни реформи во областа на платежните услуги и платните системи, со кои ја зголемивме конкуренцијата, ја унапредивме заштитата на потрошувачите и ја зајакнавме сигурноста на плаќањата, истакна вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, на состанокот на Иницијативата за политики за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), одржан во рамките на Светскиот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ) во Порт Морзби.
Величковски посочи дека усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) овозможија побрзи и поевтини плаќања во евра.
Како следен значаен чекор, Народната банка работи на воспоставување систем за инстант плаќања заснован на клонот на ТИПС, развиен во рамките на иницијативата на Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.
– Овој систем ќе создаде основа за регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, овозможувајќи побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со земјите од Западен Балкан и Европската Унија, истакна Величковски.
Во своето обраќање, вицегувернерот се осврна и на финансиската вклученост. Тој посочи дека Народната банка работи на измени на регулативата за платежна сметка со основни функции, со цел да се обезбеди пристап до основните банкарски услуги по фиксен надомест за поширок круг граѓани, вклучително и за социјално ранливите категории, кои често имаат ограничен пристап до финансиски услуги.
– Минатата година донесовме сет подзаконски акти со кои ја зајакнавме заштитата на потрошувачите, а во соработка со другите финансиски регулатори ја подготвуваме и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, додаде Величковски.
Осврнувајќи се на предизвиците што ги носат дигитализацијата и новите технологии, тој нагласи дека регулаторите треба да бидат доволно флексибилни за да ги поддржат финансиските реформи, но истовремено внимателни за да обезбедат стабилност и финансиска вклученост.
– Регулаторите имаат сложена задача да го следат брзиот развој на финансискиот сектор, а истовремено да ги заштитат корисниците и финансиската стабилност, посочи Величковски.
Тој ја нагласи и важноста на регионалната и меѓународната соработка во услови на глобални финансиски предизвици и неизвесност.
– Во услови на светски финансиски предизвици и неизвесност, потребата од регионална и меѓународна соработка е од суштинско значење, порача вицегувернерот, нагласувајќи ја посветеноста на Народната банка на натамошно споделување искуства и зајакнување на соработката со институциите од регионот и пошироко.












