среда, септември 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ирска со најголем раст, а Кипар со најголем пад на туристи

Ирска со најголем раст, а Кипар со најголем пад на туристи

2

Во Европската Унија, во првата половина од годинава се реализирани нешто повеќе од 1,32 милијарди туристички ноќевања, што е за 1,7 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2025 година. Најголем раст е забележан во Ирска, Малта и Словачка, покажуваат податоците на Евростат објавени во вторник.

Ирска, во првите шест месеци од 2026 година, забележала 14,6 отсто повеќе ноќевања во туристичките сместувачки капацитети во споредба со истиот период минатата година. Во Малта, растот изнесува околу 10 отсто, а во Словачка околу 6 отсто.

По нив следуваат Словенија, Полска, Естонија, Данска, Унгарија, Италија, Чешка, Австрија и Шпанија, кои исто така забележале раст на бројот на ноќевања во првата половина од годината.

Хрватска е меѓу земјите со најмал раст, со зголемување од само 0,5 отсто во првите шест месеци од 2026 година. За разлика од нив, во осум земји од ЕУ е регистрирано намалување на туристичките ноќевања.

Најголем пад е забележан на Кипар, каде што бројот на ноќевања е намален за 7,7 отсто во однос на истиот период минатата година, а потоа следува Романија со пад од 6,7 отсто. Намалување е регистрирано и во Бугарија, Холандија, Белгија, Литванија, Луксембург, Латвија и Финска.

Меѓународните туристи, односно нерезидентите на земјите во кои престојувале, учествувале со околу 49 отсто од вкупниот број ноќевања во ЕУ во првата половина од 2026 година.

Сепак, уделот на странските туристи значително се разликува од земја до земја. Најголем удел на меѓународни ноќевања е регистриран во Малта, со околу 95 отсто, потоа на Кипар со околу 92 отсто и во Луксембург со околу 88 отсто.

Од друга страна, значително помал удел на странски туристи има во Германија, каде што тие учествувале со околу 18,5 отсто од вкупните ноќевања, во Полска со околу 20 отсто и во Романија со околу 23 отсто.

ИЗДВОЕНИ