вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По повеќечасовна потрага, дрон го лоцираше превртениот „мерцедес“ – тројца загинати кај...

По повеќечасовна потрага, дрон го лоцираше превртениот „мерцедес“ – тројца загинати кај Блаце

79

Потрагата по три лица, кои беа пријавени за исчезнати откако заминале од Меѓународниот аеродром Скопје, заврши трагично. Тие биле пронајдени без знаци на живот во превртено возило на автопатот Граничен премин Блаце – Скопје, кој во моментот е затворен за сообраќај поради изградба.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 19 јули 2026 година во 13:40 часот, во Полициската станица Бит Пазар, М.Ш. (56) од Косово пријавил дека не може да стапи во контакт со својата сопруга Ф.Ш.Т., нејзиниот брат У.Т. и неговата сопруга Џ.К., откако тие претходната вечер, околу 22:15 часот, со автомобил заминале од Меѓународниот аеродром Скопје.

Веднаш по пријавата, полициски екипи од СВР Скопје, односно од ЕВР Чаир, ЕВР Центар и Единицата за интервентна полиција, започнале интензивна потрага. Биле прегледани снимките од системот „Безбеден град“, а во потрагата бил вклучен и дрон, откако било утврдено дека возилото не ја напуштило државата преку граничниот премин Блаце.

Истата вечер, во 22:35 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот ГП Блаце – Скопје патничко возило „мерцедес“ со германски регистарски таблички излетало од коловозот и се превртело.

Во несреќата на местото на настанот починале возачот У.Т. (64) од Косово, со живеалиште во Германија, како и сопатничките Ф.Ш.Т. (56) од Косово и Џ.К. (54) од Турција, кои исто така живееле во Германија.

Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите биле предадени на обдукција, додека истрагата треба да ги утврди причините и околностите под кои се случила несреќата.

ИЗДВОЕНИ