Енди Бернам денес станува седмиот премиер на Велика Британија во последните десет години, со ветување за „фундаментално ревидирање“ на земјата и појасно фокусирање на политиката на проблемите што најмногу ги засегаат граѓаните, вклучувајќи ја кризата со трошоците за живот и лошото функционирање на јавните услуги.
Откако Кир Стармер ќе го одржи својот проштален говор пред Даунинг стрит 10 и официјално ќе поднесе оставка на кралот Чарлс, британскиот монарх ќе го прими Бернам и ќе му го довери мандатот за формирање нова влада.
Потоа започнува сериозната работа за 56-годишниот Бернам, кој како градоначалник на областа Голем Манчестер го доби прекарот „Крал на северот“.
Откако ќе го претстави својот кабинет, кој веќе е предмет на интензивна дебата во рамките на владејачката Лабуристичка партија, тој ќе мора да се справи со долг список на проблеми – од пропаѓање на јавните претпријатија до слаб економски раст. Бернам ќе го искористи својот прв говор како премиер за да го скицира патот кон „постабилна и поодговорна политика“, соопшти неговата канцеларија.
Тој ќе го претстави своето назначување како момент на „рефлексија“ и ќе порача дека е време отворено да се зборува за предизвиците со кои се соочува Велика Британија. Во исто време, тој ќе нагласи дека само политичката стабилност може да донесе конкретни подобрувања.
Бернам го опиша својот избор за лидер на Лабуристите во петокот како „најзначајниот момент на политичка промена во последните 40 години“.
Тој вети радикална реформа на политичкиот систем за брзо да се подигне животниот стандард и да се направи Велика Британија, земја желна за промени, место каде што животот е подостапен, а луѓето и сите делови на државата да напредуваат во однос на состојбата во која се наоѓааат во моментот.
Тој ја пренесе таа порака до пратениците од Лабуристичката партија, кои го сметаат за еден од ретките политичари способни да одговорат на заканата од популистичката партија „Реформа Велика Британија“, предводена од ветеранот-активист за Брегзит, Најџел Фараж. Многумина од нив се сомневаа дека непопуларниот Стармер би можел успешно да му се спротивстави.












