четврток, септември 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По 11 години, обновена есенцијалната листа на лекови

По 11 години, обновена есенцијалната листа на лекови

0

Есенцијалната листа на лекови е ажурирана по 11 години. Претходната листа датира од 2015 година, а новата содржи вкупно 372 лека, односно 193 нови активни супстанции. Ова го објавија Министерството за здравство, фармаколозите и претставникот на СЗО, вчера, на заедничка прес-конференција.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, рече дека листата е обновена преку Националната платформа за лекови, во соработка со институциите, стручната јавност и организациите на пациенти. Есенцијалната листа претставува список на лекови кои се неопходни за третман на широк спектар болести и служи како водич за лекарите и здравствените работници, но и за фармацевтската индустрија.

„Оваа листа имаше потреба да биде ажурирана претходно, бидејќи во овие 11 години, Светската здравствена организација има направено неколку поголеми промени на својата листа. Потребата за ажурирање е заснована токму на ажурирањето на есенцијалната листа на Светската здравствена организација“, рече Клековски.

Новата листа е систематизирана во 28 терапевтски области, а променет е и пристапот кон терапијата. Една од позначајните промени е кај антибиотиците, кои сега се поделени во три групи – антибиотици со широк пристап, антибиотици под надзор и резервни антибиотици. Според Клековски, ова треба да биде основа за стратегија за рационална употреба на антибиотиците и за борба против антибиотската резистенција. Во листата се внесени и терапевтски области кои досега недостасувале, меѓу кои мултипла склероза, мијастенија гравис, цистична фиброза, современа терапија за ХИВ, хепатитис Б и Ц, како и онколошки терапии кои не биле опфатени со претходната листа. Новина се и јасно утврдените терапевтски алтернативи. Тоа значи дека доколку одреден лек не е достапен, листата дава насока која друга терапија може да биде соодветна замена. Првпат е внесена и заменска терапија за никотин, како дел од превентивниот пристап кон болестите поврзани со пушењето.

„Ова е измена која треба да нè поттикне да почнеме да размислуваме превентивно за ракот на белите дробови, кој е една од водечките причини во превенцијата и борбата против ракот“, рече Клековски и нагласи дека есенцијалната и позитивната листа на лекови не се иста работа. Есенцијалната листа ги опфаќа лековите кои се сметаат за неопходни да бидат достапни во земјата и кои треба да се земаат предвид при креирањето на лекарските упатства и протоколи. Тоа, сепак, не значи дека сите лекови од есенцијалната листа автоматски се на позитивната листа и им се достапни на пациентите преку здравственото осигурување.

Во новиот закон за лекови, предвидено е есенцијалната листа да се ревидира на секои две години, велат од Министерството. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ