понеделник, август 31, 2026
Дома СКОПСКА Петиција за повлекување на Нацрт-ДУП за Барутана

Петиција за повлекување на Нацрт-ДУП за Барутана

1

Жителите на Центар со петиција бараат повлекување на Нацрт-деталниот урбанистички план за Барутана на Водно.

Според нив, тоа ќе значи стоп за бетонизацијата на Водно и сеча на шумата која, како што велат, ја саделе нашите предци за да го штити градот од поројни поплави, ерозија, лизгање на земјиштето, загадувањето на воздухот.

– Предвидената изградба на десетици нови објекти на стрмниот пошумен дел од планинскиот опфат директно влијае на квалитетот на животот и безбедноста на жители на Центар. Затоа, мора да направиме притисок во Општина Центар да се стопираат предвидените нови градби кои ги уништуваат пошумените предели и ги пресекуваат децениските планинарски патеки – се наведува во петицијата. 

Притоа, се додава дека со овој план на подрачје кое е означено дека е под влијание на ерозија се предвидува зголемување на бројот на жители и на станбена површина над параметрите дозволени со Генералниот урбанистички план на Скопје, што е незаконско.

– Со овој план ќе се создадат услови да има стотина нови возила за кои нема да има паркинг. Со овој план се создаваат услови за идна несреќа во вид на лизгање на земјиште, ерозија или поројна поплава – се укажува во  петицијата. 

Се нагласува и тоа дека за овој план нема дадено мислење Дирекцијата за заштита и спасување, ниту, пак, има студија и мерки како да се спречи ерозија или лизгање на земјиштето како што тоа се случува подолу низ населбите.

– Наместо природа во која луѓето ќе се рекреираат и која нѐ штити од несреќи, овој план поттикнува приватизација на јавните добра и продолжување на бетонизацијата на Водно – се нагласува во петицијата, во која се потсетува и за несреќата во Кочани, која, како што се наведува, не се случила за еден ден, туку по долги години разјадување на системот. 

Инаку, Нацрт-деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05  Барутана, во моментов, е на јавна анкета која ќе трае до 14 септември. Дотогаш, жителите од опфатот на планот и од соседните подрачја можат да поднесат анкетни листови и да ги дадат своите забелешки, предлози и мислења за нацрт-планот. Планот е изложен во  просториите на основното училиште „Кочо Рацин“, каде што можат и да ги пополнат анкетните листови секој работен ден од 8 до 16 часот, а на 3 септември, пак, в четврток, ќе се одржи јавната презентација на Нацрт-ДУП со почеток во 12.00 часот, во просториите на Општина Центар, во барака 6.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ