– Понекогаш вистинските херои во градот немаат униформа што ја препознаваме како херојска, туку имаат волан, распаднат автобус и педесетина луѓе зад себе. Притоа, огромен дел од возачите на ЈСП се и без соодветен, редовен работен однос во претпријатието, само поради партиски калкулации и постојано се соочуваат со кршење на работнички права. Возачите на ЈСП се херои и заслужуваат многу посоодветен однос од Градот – коментираат граѓаните на социјалните мрежи, по веста за возачот што во неделата го извлекол запалениот автобус од шумата за да спречи поголем пожар. Ние, во весникот ВЕЧЕР, се обидовме да стапиме во контакт со херојот од ЈСП, но ни одговорија дека согласно со политиката на претпријатието, изјави поврзани со работењето на претпријатието даваат исклучиво овластените лица. Сепак, добра вест стигна од Градскиот совет, дека ќе биде награден возачот

 

Возaчите на автобусите на ЈСП „Скопје“ постојано се цел на критики од граѓаните поради своето несоодветно однесување. Но, некои од нив го докажуваат спротивното, односно дека се однесуваат одговорно и совесно, грижејќи се за безбедноста на патниците.

– Понекогаш вистинските херои во градот немаат униформа што ја препознаваме како херојска, туку имаат волан, распаднат автобус и педесетина луѓе зад себе. Притоа, огромен дел од возачите на ЈСП се и без соодветен, редовен работен однос во претпријатието, само поради партиски калкулации и постојано се соочуваат со кршење на работнички права. Возачите на ЈСП се херои и заслужуваат многу посоодветен однос од Градот – коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Притоа, нагласуваат дека веста за возачот што го извлекол запалениот автобус од шумата за да спречи поголем пожар е само еден повидлив пример за нешто што го носат овие луѓе како товар секој ден.

За жал, не успеавме ниту да го дознаеме името на возачот што во неделата успеа да го спаси Водно од голем пожар, иако сакавме тој да ни раскаже како се чувствувал во тој момент и од каде таа храброст да постапи на тој начин. Се работи за возач на двокатен автобус, кој додека сообраќаше на линијата со број „25“ кон Водно, се запали.

Според информации на очевидци, кога забележал дека се запалил автобусот, возачот го возел запалениот автобус до побезбедна локација, подалеку од густата вегетација, со цел да се намали ризикот огнот да ја зафати шумата. Во автобусот, во моментот на инцидентот, немало патници, а возачот не бил повреден.

Ние, од Редакцијата на весникот ВЕЧЕР, се обидовме да стапиме во контакт со херојот на денот, но од ЈСП одговорија  дека согласно со политиката на претпријатието, изјави за медиумите и јавноста во врска со настани и прашања поврзани со работењето на претпријатието даваат исклучиво овластените лица.

 – Воедно, поради заштита на личните податоци и прива тноста на нашите вработени, не сме во можност да ги доставуваме личните телефонски броеви на вработените лица на трети лица. За сите информации во врска со конкретниот настан, стоиме на располагање преку официјалните канали на ЈСП Скопје – наведоа од претпријатието.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, денеска, на седницата на Советот на Град Скопје, информираше дека ќе биде награден возачот, бидејќи, како што истакна, прво ги оставил патниците на безбедно, а потоа го паркирал автобусот на место каде што не постоела опасност да настане пожар.

– Драго ми е што Градот има такви херои. Надлежните ги испитуваат причините за тоа што се случило. Но, фала му на Бога, нема жртви – изјави Ѓорѓиевски.

Скопјанка коментира на социјалните мрежи дека колку и да имаме право да го критикуваме скопскиот јавен превоз, една работа премногу лесно се заборава, а тоа е дека возачите на ЈСП во голем дел се луѓе што буквално го влечат системот од линијата на целосен распад.

– Како патници, најчесто го гледаме само она што е пред нас. Автобусот доцни, нема клима, нагло кочи, тресе, често се вели дека возат како да има вреќи компири во автобусот. А ретко кој од нас знае во каква техничка состојба морал возачот да го преземе тоа возило, со какви дефекти мора да излезе на линија, со какви нестручни насоки мора да се справува, колку работи треба да контролира истовремено додека зад себе има десетици човечки животи – реагира скопјанка.

Притоа, додава дека кога би знаеле што сè се случува зад воланот и моторот на дел од тие автобуси, веројатно, почесто би се прашувале како воопшто сме стигнале до последната станица.

Таа вели дека била сведок на многу ситуации во кои возачи на ЈСП покажале неверојатна присебност.

– Од дефекти среде сообраќај, конфликти меѓу патниците и здравствени проблеми до непредвидени опасности во кои за неколку секунди мора да проценат што е најбезбедно за сите. Без паника, театри, со смирена реакција, евакуација кога е потребна и чувство на одговорност што тешко се забележува додека сè се одвива нормално – наведува таа. 

Меѓутоа, истакнува дека воочила огромна разлика кај дел од приватните превозници.

– Искуството таму многу почесто е со дерење по патниците, прескокнување на постојките по желба, затворање на вратата пред луѓе што трчаат кон автобусот итн. Секако дека и меѓу нив има професионални луѓе, но јавниот превоз не смее да зависи од нечие расположение, добра волја или процена дали му се застанува денес на конкретна постојка. Следниот пат кога ќе се изнервираме во автобус, вреди да направиме разлика меѓу системот што ги оставил и патниците и возачите во катастрофални услови и човекот зад воланот што треба некако да го истера тој систем до крајната станица – порачува таа.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ