Дечиња со развојни тешкотии од најразлична возраст и нивните родители присуствуваа на традиционалното предвелигденско дружење на Европски универзитет – Скопје со иста желба и љубов за бескрајно другарување
Многу детски насмевки, музика, маскоти, жонглер и најубави шарени јајца. На Европски универзитет – Скопје, денеска, се одржа традиционалното предвелигденско дружење, насловено „Среќа е да сме сите заедно“, посветено на децата со развојни тешкотии, кое од нивна страна беше пречекано со голема радост. Дечиња од најразлична возраст и нивните родители присуствуваа со иста желба и љубов за бескрајно другарување.

„Денес, во овој амфитеатар на Европски универзитет – Скопје, каде што се дава знаење, ние ќе даваме љубов за сите, заедно со сопствениците, менаџерскиот тим, професорите, асистентите. Со песна, со дружење, заедно со пријателите помагатели на ова другарување, ќе бојадисуваме јајца, ќе пеете и ќе играте, а нашите асистенти и студенти од Факултетот за арт и дизајн ќе ви ги донесат подароците пред најголемиот христијански празник Велигден, најавија од Европскиот универзитет – Скопје, кој е и иницијатор на настанот, на кој беа присутни и учениците од ДСУРЦ „Наум Охридски“ и наставникот Симон Рафајловски од графичка струка од ова училиште.

Дружењето почна со песна, па така, за присутните пееја четвртоодделенката Мартина Трпчевска од основното училиште „11 Октомври“, која ја испеа песната „Илјада години“ (Thousands years), Лина Филиповска петтоодделенката од истото училиште која ја пееше „Макаронс“, Јована Петровска, уште едно златно славејче, ја изведе нејзината песна „Роденден“. Дени Жерновска, девојче со развојни тешкотии, пак, со својата песничка ја испрати најгласната инклузивна порака „Ништо не е тешко човек да бидеш, доволно е само да ги разбереш тие што се различни“. Таа ја отпеа песната заедно со нашата позната пејачка, писателка и телевизиска водителка, Сузана Турунџиева. Дени ја кажа и својата желба да биде професорка по македонски јазик и притоа апелираше македонскиот јазик правилно да се употребува. Пред присутните пееше и Марија Савеска, која заедно со Дени, со својот талент покажаа дека не постои пречка која може да ги спречи да создадат музичка магија.

Децата ги израдува и присуството на нашата претставничка на детската Евровизија, Нела Манческа, благодарение на која, во оваа 2026 година, имаме среќа детската Евровизија да се случува во нашата земја, во нашиот град.
Таа ја испеа песната „Чудо“ (Mirracle).
Пред присутните деца беа поставени бои, четки и јајца кои тие со огромна радост и со поддршка од асистентите и студентите од Европски универзитет – Скопје ги бојадисуваа и ги создаваа најубавите велигденски јајца.

Покрај Европскиот универзитет – Скопје, за да биде ова дружење незаборавно, се погрижија и Олимпискиот комитет, пријатели од луксузни маскоти Македонија и Кристијан Бенито, кои внесоа многу радост и среќа во целиот амбиент.

На крајот, беа доделени и благодарници на бројните спонзори и помагачи на овој хуманитарен настан кој ја продолжува традицијата, слаткарницата „Канела Прима“, Олимписки комитет, Горска ДООЕЛ Скопје, „Винчини“, „Брегал“ ДООЕЛ Делчево, пекарница „Црниче“ ДООЕЛ Скопје, пекарница „Св. Никола“, пекарница „Силбо“, пекарница „La Delicious“, „Макаронс“, „Миа Балони“, Палачинки „Сакаш“, Христина Мандилова, Сале Певац, Кристијан Бенито, Luxury Mascots, Вивакс ДОО Скопје и Фотостудио „Дичо“.
Фото: Ѕ. Плавевски












