– Тоа не значи дека целата програма е африканска, меѓутоа од 15 светски земји од каде што доаѓаат музичари и пејачи на „Оф-фест“, дури 11 се од африкански земји. Овој пат, фокусот на Африка значи дека имаме групи од најголем број нејзини делови, од западна Африка (од Бенин, Мали), од централна Африка (Конго), од Јужна Африка, а има и од источна Африка. Значи, од различни географски одредници на Африка, кои меѓу себе се разликуваат по многу нешта и, секако, по самата музика. Овој пат ќе го имаме богатството на африканската музика и тоа во една поголема целина, вели за весникот ВЕЧЕР Оливер Белопета, организатор и на „Оф-фест“, најавувајќи ја програмата за јубилејното 25. издание на „Оф-фест“, што годинава ќе се одржи од 3 до 6 јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар
Богатите звуци од повеќе земји од Африка, промоција на новиот материјал на македонското дуо Добрила и Доријан и музичкиот документарец „Елис и Том“, ќе го означат јубилејното 25. издание на „Оф-фест“, кое годинава ќе се одржи од 3 до 6 јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар во Скопје.
Како што вели за весникот ВЕЧЕР директорот на Скопскиот џез-фестивал, Оливер Белопета, организатор и на „Оф-фест“, она што е специфично годинава, а се гледа и од самата програма, е дека фестивалот има фокус на Африка.
– Тоа не значи дека целата програма е африканска, меѓутоа од 15 светски земји од каде доаѓаат музичари и пејачи на „Оф-фест“, дури 11 се од африкански земји. Ние и во минатото сме имале африкански учесници на фестивалот, но обично биле по еден до две групи на програмата. Овој пат, фокусот на Африка значи дека имаме групи од најголем број нејзини делови, од западна Африка (од Бенин, Мали), од централна Африка (Конго), од јужна Африка, а има и од источна Африка. Значи од различни географски одредници на Африка кои меѓу себе се разликуваат по многу нешта и, секако, по самата музика. Овој пат ќе го имаме богатството на африканската музика и тоа во една поголема целина, додава Белопета.
Посочува дека за јубилејот, од аспект на македонските групи, има специјален концерт на дуото Добрила и Доријан. – Тоа ќе биде промотивен концерт на нивното ново, трето цеде по ред, за кое пред фестивалот ќе одржиме и промоција. Традиционално, во придружната програма ќе се прикаже музичкиот документарец „Елис и Том“, актуелен и атрактивен филм од 2023 година посветен на историската плоча од 1974 година на Елис Реџина и Том Жобим, вели Белопета.
Додава и дека јубилејот не е подготвен со цел да се истакнува од другите изданија на „Оф-фест“. – Целта, едноставно, беше да обезбедиме квалитетна програма каква што сме ја имале во сите изминати години во богатата историја на фестивалот, вели тој истакнувајќи дека годинава фестивалот се подготвува со најмал буџет во неговата историја. Во четирите фестивалски денови, како што најавува организаторот, „Оф-фест“ ќе донесе одличен избор на уметници кој ќе биде достоен за јубилејното издание.

Фестивалот на музиката од светот стартува на 3 јуни, во 20 часот, во НОБ со инструменталното трио „Гитарски разговори“ (Guitari Baro). Овој ансамбл обединува тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали: маестралните гитаристи Гаусоу Кујате и Керфала Диабате, заедно со виртуозот на балафон Ласана Диабате. – Со неверојатна леснотија, тие ги спојуваат хипнотичките традиционални стилови со влијанија од џез, конгоанска румба, гвинејски танцови ритми и кубанска музика, создавајќи звук што е смело футуристички. Тројцата музичари првпат се сретнале во 2024 што резултирало со нивниот импресивен деби албум „Guitari Baro“ со кој ќе настапат. Овој албум е вистинско откритие — интимен, моќен и полн со емоција и се издвојува како еден од највозбудливите и најиновативните музички проекти на денешницата, посочуваат организаторите.

Следува домородната група БЦУЦ (BCUC – Bantu Continua Uhuru Consciousness) која потекнува од Совето во Јужна Африка (од 22 часот, во НОБ), веќе позната на оффестовската публика. Тие, на јубилејното издание, се враќаат по две години, овој пат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“. Познати се по уникатната мешавина од психоделични грувови, високоенергетски ритми комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, а по 23-години постоење, продолжуваат да настапуваат со истиот бунтовнички, активистички дух со кој и започнале.
– Сакавме на јубилејното издание да вратиме една група што одржала еден од најдобрите концерти на фестивалот, и изборот падна на БЦУЦ, а за тоа има и непосреден повод бидејќи неодамна излезе нивната нова плоча и тој концерт ќе има промотивен карактер, вели Белопета.
Втората фестивалска вечер, на 4 јуни (20 часот, НОБ), ја започнува маестралниот хардaнгер виолинист Нилс Окланд од Норвешка, кој на „Оф-фест“ ќе настапи во интимен соло и дуо формат со органистот Сигбјорн Апеланд.
– Способноста на Окланд е да создава заразни мелодии создава звук што зрачи со мистерија и веднаш препознатлива емоционална длабочина. Музиката слободно се движи помеѓу локалната традиционална народна музика, современата музика, џезот и слободната импровизација, посочуваат од „Оф-фест“.

Следува настап на македонското дуо Добрила и Доријан (22 часот, НОБ). Концертот е ексклузивна промоција на нивниот нов, трет албум, по „Апокриф“ и „Пиле шарено”.
Продуцентот, гитарист, органист Раул Рефри и вокалистката Марија Мазота од Шпанија/Италија ќе ја започнат третата фестивалска вечер на 5 јуни (20 часот, во НОБ). – Нивната соработка го изроди албумот „San Paolo di Galatina“, каде што Рефри и Мазота го реинтерпретираат апулијскиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20 век (религиозни мантри, работнички песни, приспивни песни), со цел да се излезе од темнината и општествената задушеност и да се достигне физичка слобода и чувство на заедништво толку посакувано во нашето време, посочуваат од „Оф-фест“.

Следува (22 часот, НОБ) групата „Les Amazones d’Afrique“ формирана во Бамако, Мали, во 2014 од три познати малиски музички ѕвезди и активистки Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа. – Овој женски колектив се соедини преку заедничка музичка визија, но и со цел: да се залага за родова еднаквост и да го насочи вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените. Сепак нивниот музички израз е подеднакво моќен. Богат со мелодии и стилски разновиден, тој спојува пан-африкански звуци и колективни хармонии со суров, современ поп. Со три албуми зад себе, нивната силна енергија и препознатливото присуство, се вбројуваат меѓу најважните гласови на современиот западноафрикански феминизам, велат од „Оф-фест“.
Последната фестивалска вечер (6 јуни) ќе се одржи во МКЦ. Притоа, во Денсинг сала, од 22:00 часот настапува Мачуме Занго, реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, препознаен како нов мајстор на тимбила (традиционален дрвен ксилофон). – The Native Practices of Mozambique“ е аудиовизуелен концерт на Занго, во форма на обновена верзија на песните, танците и ритуалите на народите Банту од Мозамбик. Проектот се реализирал во 2023 и вклучува аудиовизуелни материјали од културните традиции на три етнички групи во Мозамбик: Макуа, Нијау и Чопе, велат од фестивалот.

„Оф-фест“ завршува со настап на „Zawose Queens“ кои ја продолжуваат долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Гого (познат и како Вагого) од регионот Додома во централна Танзанија (Денсинг сала, од 23:00 часот). Тие ќе ги донесат своите источноафрикански корени со суптилни електронски елементи – со битови и дропови за финале на фестивалот. Истиов ден, претходно, од 20 часот, во киното „Фросина“ ќе има проекција на филмот „Елис и Том“. – Лос Анџелес, февруари 1974 година. Том Жобим, олицетворение на боса нова, и Елис Реџина, тогаш најпопуларната пејачка во Бразил, се сретнаа за да го снимат она што ќе стане еден од најиконските албуми во историјата на бразилската музика. Преку ретки и досега невидени снимки, „Elis & Tom – It had to be you“ е музички документарец што ја раскажува приказната за тоа како се случиле средбата и снимањето на овие двајца големи уметници. (Н. И. Т.)












