Македонските граѓани кои овој викенд ќе тргнат кон Грција треба да се подготват за зголемена фрекфенција на сообраќај и можни поголеми задржувања на граничните премини. Поради продолжениот викенд, голем број граѓани се очекува да заминат кон грчкото крајбрежје уште во петок, 28 август.
Покрај продолжениот викенд дополнителен притисок на патиштата се очекува поради традиционалната смена на туристите на крајот од август. Тоа значи дека на главните патни правци и граничните премини истовремено ќе има голем број домашни граѓани, но и туристи од други земји кои транзитираат низ Македонија кон Грција.
Најголем притисок во правец кон Грција се очекува во петок и сабота.
Особено фреквентен може да биде граничниот премин Богородица – Евзони, преку кој минуваат голем број патници кон Солун, Халкидики, Олимпискиот регион и другите популарни туристички дестинации во Грција. Првиот поголем бран возила се очекува уште во петок, кога голем број македонски граѓани ќе го искористат продолжениот викенд за заминување на море. Зголемен интензитет на сообраќајот може да има и во текот на саботата.
Во недела се очекува метеж во спротивен правец
Ситуацијата може значително да се промени во недела, 30 август. Тогаш се очекува зголемен број возила кои ќе ја напуштаат Грција. Дел од македонските граѓани ќе се враќаат од продолжениот викенд, додека во исто време голем број туристи од Србија и други земји ќе го завршуваат летувањето.
Поради тоа, во недела најголемите гужви може да се создаваат на излезот од Грција и во правец кон Македонија и понатаму кон Србија.
Оние кои сакаат да ги избегнат најоптоварените премини можат да разгледаат и алтернативни рути, во зависност од крајната дестинација.
Наместо Богородица – Евзони, патниците можат да размислат за Дојран – Дојрани или Меџитлија – Ники кај Битола.
Дојран може да биде практична алтернатива за дел од патниците кои продолжуваат кон Солун, Аспровалта или Халкидики, додека Ники е посоодветен за оние кои патуваат кон западните делови на Грција. Сепак, пред да се избере алтернативна рута, важно е да се проверат актуелните услови на патиштата и состојбата на граничните премини.
Кога е најдобро да се тргне?
Изборот на времето на поаѓање може да биде подеднакво важен како и изборот на граничен премин. Доколку е можно, треба да се избегнуваат периодите во кои најголем број туристи истовремено пристигнуваат на границата. Пред тргнување добро е да се провери актуелната состојба и, доколку се појават подолги колони, навреме да се размисли за промена на рутата.
Особено во последниот викенд од август, состојбата на границите може да се промени за само неколку часа.
Полн резервоар и доволно вода
На сите кои овој викенд патуваат кон Грција им се препорачува да не чекаат последен момент за гориво, туку на најфреквентните делници да тргнат со доволно гориво во автомобилот. Добро е во возилото да има и доволно вода и освежување, особено доколку се патува со деца или повозрасни лица. Најважно е состојбата на патиштата и границите да се следи непосредно пред поаѓањето. За време на големата туристичка смена, повеќечасовни задржувања можат да се создадат за релативно кратко време.












