Некои филмски и цртани ликови не се само дел од детството – тие стануваат дел од колективното сеќавање на цели генерации. Еден од нив е Којотот, вечниот неуморен јунак со бескрајни идеи, неверојатни планови и уште поневеројатна способност секој неуспех да го претвори во причина за нов обид. Којотот веќе стигна на големото платно со филмот „Којотот против системот“, нова комедија и авантура која ќе ги потсети постарите генерации на омилениот цртан лик од нивното детство, но истовремено ќе им понуди на најмладите публика можност да го запознаат во една сосема нова приказна.
-Со децении неговата најголема опсесија беше една и единствена – да ја фати Брзата Птица Итрица. Познатиот „бип, бип“, бескрајните потери и плановите кои секогаш изгледаат совршено на хартија, но завршуваат со нова катастрофа, се препознатлив дел од детството на милиони гледачи. Но, овојпат Којотот има поголема цел. Tрката со Брзата Птица станува борба против системот. По уште еден неуспешен план во кој производите на ACME корпорацијата повторно ќе се покажат како негов најголем непријател, Којотот решава дека е време да престане да ги прифаќа неуспесите како дел од својата судбина. Наместо повторно да тргне во потера по Брзата Птица Итрица, тој одлучува да ја побара правдата – на суд… Така започнува една од најнеобичните авантури во која Којотот некогаш се впуштил – битка во која неговото најсилно оружје повторно ќе бидат упорноста, снаодливоста и вербата дека следниот план конечно мора да успее, се посочува за содржината на филмот кој веќе може да се погледне низ македонските кина.
Филмот комбинира играна акција и анимација, создавајќи поинаков визуелен пристап кон светот на Којотот, но притоа го задржува препознатливиот дух на оригиналните авантури. Во главната улога настапува Вил Форте, додека режисер на филмот е Дејв Грин.
Од дистрибуцијата на филмот „Мцф Мкд“ веруваат дека приказната ќе има силен одѕив кај публиката, бидејќи претставува можност на едно место да се сретнат повеќе генерации.












