Едукативната „Патека  на Петко“ претставува значаен ресурс за промоција и зачувување на биодиверзитетот и води до Јудови Ливади – уникатно живеалиште на реткото инсектојадно растение drosera rotundifolia (муволовка), кое се среќава во Македонија само на три локации во Малешевијата: Јудови Ливади, Еленско Блато и Пехчевска Река. Таа е обновена благодарение на Едукативниот центар за зачувување на природата, со поддршка од ПШС „Равна Река“ – Пехчево, Општина Пехчево и од Македонското еколошко друштво – Скопје

 

Едукативниот центар за зачувување на природата во селото Негрево, со поддршка од ПШС „Равна Река“ – Пехчево, Општина Пехчево и од Македонското еколошко друштво – Скопје, ја обнови опожарената „Патека на Петко“.

Оваа едукативна патека претставува значаен ресурс за промоција и зачувување на биодиверзитетот и води до Јудови Ливади – уникатно живеалиште на реткото инсектојадно растение drosera rotundifolia (муволовка), кое во Македонија се среќава само на три локации во Малешевијата: Јудови Ливади, Еленско Блато и Пехчевска Река.

Во 2024 година, регионот беше зафатен од катастрофален пожар, кој уништи големи површини од шумата и значително го намали богатството на биодиверзитетот. Дел од „Патеката на Петко“, исто така, беше зафатен, при што беа уништени повеќето информативни табли, а најголема штета претрпе тресетиштето на Јудови Ливади – единственото живеалиште на муволовката.

Тресетиштата се исклучително ретки во земјава и, покрај муволовката, во нив се среќаваат и други ретки растенија, мов, ендемични пајаци и вилински коњчиња. Тие имаат значајна улога во борбата против климатските промени, бидејќи складираат големи количини јаглерод и помагаат во превенирањето на поплави.

– Со новите информативни табли, посетителите повторно можат да ја користат патеката и да ја доживеат природната убавина на регионот. Јудови Ливади и ова ретко растение се дел од работилниците на Мрежата за искуствено учење (miu.mk), кои се реализираат од Едукативниот центар, во соработка со Македонското еколошко друштво – Скопје и со УНИЦЕФ MK, а со финансиска поддршка од шведската Амбасада во Скопје – SIDA. Учениците од целата земја се запознаваат со богатството на природата и со биодиверзитетот, како и со научноистражувачката работа на терен – велат од Едукативниот центар за зачувување на природата. 

Екологистите предупредуваат дека тешко може да се вратат во првобитна состојба загубите за биодиверзитетот, но, како што истакнуваат од Едукативниот центар, секогаш мора да се започне однекаде. Центарот, заедно со Општина Пехчево и со партнерите, продолжува да вложува во заштитата, унапредувањето и во промоцијата на природните ресурси, со цел зачувување на природното богатство за идните генерации.

 

ИЗДВОЕНИ