Жителите на делови од Барселона почнаа да издаваат балкони и тераси со поглед на рутата што папата Лав XIV ќе ја помине на 10 јуни, а цените за изнајмување достигнуваат до 1.600 евра, објавуваат шпанските медиуми.
Огласите објавени на онлајн платформите нудат привремен пристап до приватни балкони во близина на базиликата „Саграда Фамилија“, од каде што посетителите ќе можат да ја следат посетата на папата и поминувањето на папамобилот.
Најскапите понуди вклучуваат изнајмување на целиот простор за до осум лица за 1.600 евра, со дополнителни бенефиции како што се освежување, вино, користење на тоалет и седење.
Поединечни места се продаваат за околу 250 евра, додека другите понуди се движат помеѓу 350 и 1.200 евра, објавува RTVE.
Поголемиот дел од огласите се однесуваат на станови во населбата Еишампле, во непосредна близина на црквата, каде што се очекува голем број верници и туристи за време на посетата на Папата.
Изнајмувањето обично трае помеѓу два и три часа, а некои сопственици нудат можност за резервација на цел балкон или поединечни места. Во некои случаи, потребна е авансна уплата од 50 проценти од вкупната цена.
Медиумите ги предупредуваат граѓаните за можноста за измама во вакви неформални договори меѓу приватни лица, препорачувајќи проверка на идентитетот на огласувачите и претпазливост при вршење авансни плаќања.
Градските власти на Барселона најавија воспоставување безбедносна зона од девет блока околу базиликата за време на посетата на папата Лав XIV, со пристап ограничен за жителите, акредитираните новинари и оние со посебни дозволи.
Папата Лав XIV ќе пристигне во Шпанија денес на повеќедневна посета, за време на која ќе ги посети центрите за прием на мигранти, ќе се обрати пред шпанскиот парламент и ќе ја посети базиликата „Саграда Фамилија“ во Барселона. Се очекува да се сретне и со жртвите на сексуална злоупотреба во Католичката црква.
Посетата, која ќе трае до 12 јуни, доаѓа на покана на шпанскиот премиер Педро Санчез, кој постојано јавно ги поддржува ставовите на папата за мирот и миграцијата.
Санчез претходно го бранеше поглаварот на Римокатоличката црква од критиките од американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека „додека некои сеат војна, Лав XIV шири мир“.
Во последните недели, Папата постојано предупредуваше за последиците од војната и ја критикуваше употребата на религиозен јазик за оправдување на воените интервенции, пренесува „Танјуг“.












