По двете победи со Србија во квалификациите за Светското првенство, Никола Јокиќ може целосно да ѝ се посвети на новата НБА-сезона. Српскиот центар повторно е во центарот на вниманието на американските медиуми, бидејќи влегува во последната година пред да стане достапен за нов, историски договор. Иако има договор со Денвер нагетс до 2028 година, тој второ лето по ред одлучи да не потпише за продолжување на соработката. Причината, сепак, не е незадоволство од Денвер туку чиста финансиска логика.
Следното лето тој ќе може да потпише петгодишен „супермакс“ договор вреден неверојатни 359,5 милиони долари. Доколку потпишеше сега, би можел да добие четиригодишен договор од 278 милиони долари, односно околу 80 милиони долари помалку.
Јокиќ јасно порача дека сака да остане во Денвер до крајот на кариерата и дека одложувањето на договорот е исклучиво деловна одлука.
- Моите идеја и желба се да останам во Денвер. Веројатно, ќе потпишам договор следната година. Причината е строго бизнис – изјави Србинот.
Проблем за Денвер, сепак, е финансиската структура на тимот. Нагетс веќе е над вториот праг на данокот на луксуз, поради големите договори на Џамал Мареј, Арон Гордон, Камерон Џонсон и на Кристијан Браун. Токму затоа ќе мора внимателно да ги носи следните потези доколку сака да го задржи својот најдобар играч.
Денвер веќе почна да бара поевтини решенија и ова лето ангажираше играчи како Лони Вокер и Алф Дијало, а го доведе и искусниот Демар Дерозан. Доколку не успее да му понуди на Јокиќ услови какви што заслужува, интересот од другите НБА-тимови, сигурно, ќе биде огромен.
Американските медиуми веќе споменуваат дека Торонто репторс внимателно ја следи ситуацијата. Особено интересна е можноста Јокиќ да се пресели во Торонто, каде што тренер е неговиот сонародник, Дарко Рајаковиќ.
Репторс има млад и амбициозен тим, а евентуалното пристигнување на трикратниот МВП би можело целосно да ја промени франшизата. Сепак, Јокиќ засега нема причина да брза.
Сè уште има договор со Денвер, сака да остане во Колорадо, а следното лето може да стане најплатениот кошаркар во историјата на НБА.
Топката е во рацете на Денвер: дали ќе успеат да го задржат човекот што го промени текот на историјата на франшизата?











