среда, февруари 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Панчевски најави кривична пријава против членовите на Советот на јавни обвинители

Панчевски најави кривична пријава против членовите на Советот на јавни обвинители

37

Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, кој беше дисфалификуван од Советот на јавни обвинители, најави дека ќе поднесе кривична пријава против членовите на Советот поради, како што наведува, злоупотреба на службена положба и овластување.

Во објава на Фејсбук, Панчевски информира дека врз основа на член 272 од Законот за кривична постапка ќе поднесе кривична пријава до Министерство за внатрешни работи и до Јавното обвинителство, против 10 членови на Советот на јавни обвинители, меѓу кои претседателот и неговиот заменик.

Кривичната пријава, како што наведува, ќе биде поднесена за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Панчевски тврди дека членовите на Советот, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на овластувањата, постапиле спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледувањето на неговата кандидатура и при утврдувањето на посебните услови.

„Советот констатираше дека кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, ми престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не сум бил ниту судија, ниту јавен обвинител, па оттаму тој стаж не може да се смета за непрекинат“, се наведува во образложението што, според Панчевски, го изнела членката на Советот Маријана Илиеска.

Врз основа на ваквиот став, Советот заклучил дека Панчевски не ги исполнува законските услови и дека не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа.

Панчевски оценува дека ваквата одлука е незаконска и најавува дека институционално ќе ја оспори преку кривична постапка.

ИЗДВОЕНИ