На сцената на МНТ, а по повод 81. роденден на оваа театарска институција, од 30 март до 4 април се најавени гостувања на белградскиот и светски познат актер, Никола Ѓуричко, кој ќе настапи со стендап-шоуто „Шоубиз“, на претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски, во изведба на Словенечко народно гледалиште Марибор, на монодрамата „Безгрешна“ – омаж на големиот и прерано починат режисер, Томаж Пандур, како и претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица 

Претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски, во изведба на Словенечко народно гледалиште Марибор, монодрамата „Безгрешна“, стендап- шоуто на Никола Ѓуричко, како и „Другата страна“ на Црногорското народно позориште од Подгорица се гостувањата што ќе може да ги гледа македонската публика во наредниов период, на сцената на Македонскиот народен театар.

Како што посочуваат од МНТ, овие меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници се најавени во рамките на одбележувањето на роденденот, односно прослава на 81 година од постоењето на Театарот.

– Годинава МНТ продолжува со прославата на јубилејот 80 години од постоењето, кој се одбележа минатата година, во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година – велат оттаму.

Да потсетиме, големиот јубилеј на МНТ лани беше одбележан со македонскиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ во режија на Дејан Пројковски, каде што беше истакната важноста на ансамблот на МНТ, како и на македонските драмски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата.

Одбележувањето на 81. роденден на МНТ ќе започне на 30 март со стендап- шоуто „Шоубиз“, во изведба на белградскиот и светски познат актер, Никола Ѓуричко. За своето стендап шоу актерот вели: „Речиси три години не сум настапувал, па ми недостигаше публиката. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија што сакам да ги споделам со луѓето“. Најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера.

Ѓуричко е афирмирана фигура во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на меѓународната сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште во Белград, каде што беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде што реализираше бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД. Светски препознатлив е и по улогата на Јури во хит-серијата „Stranger Things“, како и во филмот „World War Z“.

Роденденската програма на МНТ ќе продолжи на 1 и 3 април, кога ќе гостува Словенечко народно гледалиште Марибор (СНГ).

На 1 април, публиката ќе има ретка можност да ја гледа претставата „Амадеус“, од наградуваниот Питер Шафер, а во режија на нашиот познат режисер, Александар Поповски, еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера – над 70 театарски претстави во Европа, вклучувајќи ги Словенија, Италија, Грција, Австрија, Турција, Шведска, Данска, Англија и Германија. Од сезоната 2018/2019, тој е уметнички директор на Драмата во Марибор, каде што ја развива својата режисерска визија и продуцира значајни театарски остварувања.

„Амадеус“

„Амадеус“ се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери“ од 1830 година.

Во претставата играат: Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас.

Претставата е псевдобиографска комична драма за еден од најславните композитори на сите времиња, напишана од англискиот драматург, сценарист и романописец, добитник на многубројни престижни награди – Питер Шафер. Најпознатата драма на Шафер, „Амадеус“, првпат била изведена во 1979 година, а светска слава стекнала благодарение на истоимениот филм на Милош Форман (1984). Во своето најпознато дело, Шафер ги сумира историските околности и создава прецизни психолошки профили на протагонистите. Драмата е напишана во стилот на ретроспективна драматургија, што овозможува широки епски режисерски решенија и бројни можности за врвни актерски остварувања.

На 3 април, пак, на сцената на МНТ, повторно ќе гостува СНГ Марибор, но тогаш со монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет“, омаж на големиот и прерано починат режисер, Томаж Пандур.

Финалето на роденденската програма е закажано за 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица, со што дополнително се нагласуваат меѓусебната соработка и културната размена во регионалниот театар.

– Со оваа внимателно направена селекција на одбрани сценски остварувања, Македонскиот народен театар ја повикува публиката да учествува во разноликата прослава на уметничката традиција, театарскиот дијалог и на континуитетот на една од најзначајните институции во културата – додаваат од театарот. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ