Скопјани на едноставен начин ќе можат да пријават каде има преполни контејнери, каде има диви депонии и каде лошо мириса, односно е загаден воздухот. Младите од Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (ЛЕАД), во соработка со Град Скопје, а со финансиска поддршка од ЕУ изработија паметна екоплатформа наречена „Еко Скопје“. Иван Јованов, извршен директор на ЛЕАД, објасни дека откако ќе пријави граѓанинот една од трите опции, односно преполни контејнери, дива депонија и миризба, со слика и опис, платформата ќе ја регистрира пријавата, а потоа таа ќе биде испратена до службите на Град Скопје, кои ќе реагираат за решавање на проблемот. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, рече дека платформата е значајна, дотолку повеќе што преку неа ќе се види и брзата реакција на градските служби

Скопјани на најлесен и наједноставен начин отсега ќе можат да пријават каде има преполни контејнери, каде има диви депонии и каде лошо мириса, односно е загаден воздухот.
Тоа им е овозможено благодарение на паметната екоплатформа „Еко Скопје“, развиена од младите од Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (ЛЕАД), во соработка со Град Скопје.
Таа денеска беше промовирана во присуство на претставниците од ЛЕАД, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, како и претставникот на Европската комисија, Евоут Сендкер.
Иван Јованов, извршен директор на ЛЕАД, објасни дека оваа платформа произлегла од иновациски камп на кој тимот „Еко Скопје 2“ ја однел победата со својата иновативна идеја, односно со оваа платформа. Притоа, додаде дека откако ќе пријави граѓанинот една од трите опции, односно полни контејнери, дива депонија и миризба, со точна локација, слика и опис, платформата ќе ја регистрира пријавата, а потоа таа ќе биде испратена до службите на Град Скопје, кои ќе реагираат за решавање на проблемот.
Еден од создавачите на платформата, осумнаесетгодишниот Андреј Божиновски, нагласи дека со помош на победничкиот тим успеале да направат решение што ќе биде користено од Град Скопје.
– Имаше многу работа и тестирање, но сето тоа се занемарува кога е направено нешто корисно – нагласи Божиновски.
Тој додаде дека се пријавува проблемот на самата апликација и веднаш се решава проблемот.
– Пријавувањето може да биде и анонимно – наведе Божиновски.
Во однос на платформата, скопскиот градоначалник рече дека е значајна, бидејќи граѓаните ќе можат да пријавуваат проблем, но и пропусти.
– Кога ќе забележат граѓаните дива депонија, проблем со контејнер или друг еколошки проблем, преку платформата испраќаат пријава со точна локација, фотографија и краток опис. Така службите полесно ќе го пронајдат местото и ќе имаат појасна слика за состојбата на терен. По поднесувањето, граѓаните можат да го следат статусот на пријавата. За граѓаните, тоа значи полесно пријавување, поголем увид во постапувањето и подиректна комуникација со институциите. Тука ќе се види и брзата реакција на градските служби. На тој начин ќе се зголеми транспарентноста на Град Скопје – истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека платформата ќе ја одржуваат луѓето од ИТ- секторот на Град Скопје.
Платформата е развиена во рамките на проектот „SkopYEAH!“, кој го реализира Здружението во соработка со Град Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија и со цел да придонесе за почиста и пофункционална градска средина.
МН: Рециклирачки центар во „Дрисла“
Што се однесува до хигиената во Градот, Ѓорѓиевски нагласи дека е стабилизирана состојбата со реорганизацијата на ЈП „Комунална хигиена“ и со новата механизација, како и со процесот на промена на контејнерите, кој е почнат.
– За разлика од претходно, кога за 11 години биле набавени 1.500 контејнери, сега само за 11 месеци набавивме 3.300 контејнери, а за наредната година се планира набавка на уште 20 камиони, со средства од Град Скопје – информира Ѓорѓиевски.
Во однос на рециклирањето и селектирањето на отпадот, тој наведе дека во фокусот на Град Скопје е ЈП „Дрисла“, кое, како што рече, не ги задоволува стандардите за тоа како треба да изгледа една современа депонија. Најави создавање рециклирачки центар во неа доколку обезбеди Владата средства, а доколку не се обезбедат, ќе се примени јавно-приватно партнерство.
МН: „Вардариште“ напролет ќе стане парк
Воедно, најави и дека е завршен процесот на „одгаснување“ на поранешната депонија „Вардариште“, дека е почната постапката на деконтаминација на земјиштето и дека од пролет ќе се работи на уредување на парковска површина.
(А. П.)












