Бензините од полноќ поевтинуваат за 4 денари по литар, додека цената на дизелот се намалува за 8 денари. Одлуката денеска ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Со одлуката, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 5,81 отсто.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, во споредба со претходната пресметка, бележат намалување. Кај бензините намалувањето изнесува во просек 6,186 отсто, кај дизелот 10,435 отсто, кај екстра лесното масло 8,138 отсто, а кај мазутот 7,151 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот, според кој беа формирани цените со претходната пресметка, е понизок за 1,0313 отсто.
Според новата одлука, максималните малопродажни цени од полноќ ќе изнесуваат:
ЕУРОСУПЕР БС-95: 87 денари за литар
ЕУРОСУПЕР БС-98: 89 денари за литар
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 91,5 денари за литар
Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 92,5 денари за литар
Мазут М-1 НС: 43,538 денари за килограм
Цената на екстра лесното масло се намалува за 6 денари за литар, додека мазутот поевтинува за 2,881 денари за килограм.












