Иако Светското првенство 2026 официјално заврши, турнирот продолжува да привлекува внимание поради новите сомнежи за можни нерегуларности. Според францускиот медиум „Ре-ем-це спорт“, Советот на Европа почнал истрага за потенцијално местење натпревари и за сомнителни уплати во обложувалниците, во текот на шампионатот.

Во фокусот на истрагата се неколку спорни ситуации, кои ќе бидат детално анализирани. Една од нив е црвениот картон што го доби Темба Звана од Јужна Африка на натпреварот против Мексико, кој предизвикал сомнежи кај истражителите.

Дополнително внимание привлекла и необично високата исплата од 4,5 милиони долари за нерешен исход на дуелот меѓу Шпанија и Капе Верде, непосредно пред почетокот на натпреварот. Токму ваквите невообичаени обложувачки активности се предмет на детална проверка.

Меѓу случаите што ќе се анализираат е и речиси четириминутната ВАР-проверка, по која беше поништен голот на Феран Торес на натпреварот против Саудиска Арабија.

Од ФИФА категорично ги отфрлаат сите сомнежи, истакнувајќи дека засега нема никакви цврсти докази што укажуваат дека имало местење или дека евентуални неправилности влијаеле врз резултатите на натпреварите.

Истрагата се наоѓа во почетна фаза и во наредниот период се очекуваат дополнителни информации. Во меѓувреме, новите обвинувања претставуваат уште еден удар за угледот на Светското првенство, кое и по завршувањето останува во центарот на контроверзиите. Дополнителен притисок создаваат и претходните реакции околу третманот на Аргентина, како и најавата на Аргентинската федерација дека ќе поведе постапки поради, како што тврди, клевети и лажни обвинувања.

ИЗДВОЕНИ