Неиздавањето фискални сметки повторно ја отвори дебатата во јавноста за почитувањето на законските обврски, даночната дисциплина и за влијанието на сивата економија врз функционирањето на државата. Граѓаните реагираат на социјалните мрежи дека и понатаму има случаи во дел од угостителските објекти каде што не се издаваат фискални сметка, што, според нив, претставува директно прекршување на правилата и дополнително го намалува буџетскиот прилив. Дел од граѓаните посочуваат дека не е ограничен проблемот само на угостителскиот сектор туку и дека е присутно неиздавањето фискални сметки и во други дејности, каде што дел од продавачите и давателите на услуги избегнуваат евидентирање на прометот. Според нив, ваквата практика придонесува за развој на сивата економија и создава нееднакви услови за оние компании и граѓани што редовно ги исполнуваат своите обврски кон државата.
Во реакциите се бараат почести и поефикасни контроли од страна на надлежните институции, но и поголема одговорност кај самите граѓани, кои, како што велат дел од коментаторите, секогаш треба да бараат фискална сметка и да пријавуваат неправилности. Според нив, борбата против сивата економија не може да биде само обврска на инспекциските служби туку бара и активно учество и од купувачите и од бизнис-секторот.
Граѓаните во дискусиите потсетуваат дека фискалната сметка не е само парче хартија туку и механизам преку кој се контролира прометот и се обезбедуваат средства за финансирање на јавните услуги, како здравството, образованието и инфраструктурата.
Дел од граѓаните во своите реакции посочуваат дека издавањето фискална сметка не зависи од висината на сметката и дека мора да важат правилата подеднакво за сите.
– Не е важно дали станува збор за 10 ќебапи или за поголема сума, законот треба да важи за сите. Од тие средства се обезбедуваат пари за јавните услуги: здравство, образование, инфраструктура и социјални мерки – коментираат граѓаните.
Сепак, дел од реакциите се насочени и кон недовербата во институциите, при што граѓаните посочуваат дека тешко се гради даночна дисциплина без транспарентност и одговорност за злоупотребите на јавните средства.
– Луѓето гледаат корупција и злоупотреби на големи суми и затоа ја губат довербата во системот. Но, тоа не значи дека треба да се оправдуваат малите прекршувања – се наведува во дел од коментарите.
Други граѓани оценуваат дека токму ваквите секојдневни ситуации покажуваат дека е потребно градење функционален систем во кој ќе се почитуваат законите без исклучок.
Според нив, борбата против сивата економија не може да се сведе само на инспекциски контроли туку бара и промена на навиките и поголема одговорност и кај граѓаните и кај бизнис-секторот.
– Системот не се гради само со казни туку и со свест дека секој поединец има улога во неговото функционирање – е дел од ставовите што ги споделуваат граѓаните.
Од Управата за јавни приходи велат дека континуирано се спроведуваат контроли за фискализација, со цел откривање на неправилностите и намалување на сивата економија. Според податоците на УЈП, во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година биле извршени вкупно 2.006 контроли за фискализација кај даночни обврзници низ земјава.
Од спроведените контроли, најголем број биле извршени кај трговските објекти – 934, потоа кај угостителските објекти – 692, кај услужните дејности – 365, како и кај објектите со дејност на игри на среќа – 15.
Поради утврдените неправилности, УЈП изрекла 751 санкција, а во 53 случаи била донесена мерка за привремено вршење дејност (затворање на субјектите).
Во истиот период, до Управата за јавни приходи биле доставени и 1.233 пријави од граѓани за неправилности, од кои 1.023 преку електронска пошта, а 210 преку телефонската линија.
Според податоците на УЈП, контролите биле спроведени на територијата на целата држава, при што најголем број проверки имало во Скопје – 258 контроли, од кои 132 со утврдени неправилности, потоа во Битола со 222 контроли и 49 неправилности, Струга со 80 контроли и 26 неправилности, како и во Охрид со 157 контроли и 32 неправилности.
Во Источниот Регион биле извршени контроли и во Кочани, Делчево, Штип, Струмица и во други општини, при што инспекторите констатирале повеќе случаи на непочитување на правилата за фискализација.
Од УЈП потсетуваат дека граѓаните можат да пријават неправилности поврзани со неиздавање фискални сметки преку електронските канали и телефонската линија, а контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел намалување на сивата економија и подобрување на даночната дисциплина.
(А. С.)












